Управа за заштита на културното наследство
Македонски / English
Дома Дома
За управата За управата
Статус Статус
Структура Структура
Активности Активности
Правилници Правилници
Контакт Контакт
ИЗЛОЖБАТА ВИЗАНТИЈА 330-1453
Култура / Culture

ПОСЕТА НА ИЗЛОЖБАТА ВИЗАНТИЈА 330-1453
ВО КРАЛСКАТА АКАДЕМИЈА НА УМЕТНОСТИТЕ
ВО ЛОНДОН, ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

BYZANTIUM

tНа 25 октомври 2008 год. во Кралската академија на уметностите во Лондон, Велика Британија беше отворена голема изложба посветена на византиската уметност, наречена Византија 330-1453 . Ова е прва изложба од ваков голем размер, посветена на уметничките достигнувања на Византиската Империја, што се презентира во Велика Британија во последниве 50 години. Таа содржи повеќе од 300 експонати (некои од нив за првпат изложени во јавност), вклучувајќи икони, фрески, мозаици, ракописи, предмети од слонова коска, емајли, накит, како и предмети изработени од злато и сребро.

tИзложбата Византија 330–1453 е во организација на Кралската академија на уметности од Лондон и Музејот Бенаки од Атина, а под патронат на принцот од Велс. Кустоси на изложбата се професорите Робин Кормак од Институтот Кортолд ( Courtauld) , Лондон и Марија Василаки од Универзитетот на Тесалија од Волос и Музејот Бенаки и д - р . Адриан Локе , раководител на изложби од Кралската академија на уметности . Како што и самиот претседател на Кралската академија на уметностите, сер Николас Гримшо, пишува во каталогот на изложбата, ова е една од најамбициозните и најкомплексните изложби кога било претставени таму.

tСамата изложба е концепирана како хронолошко патување, започнувајќи со основањето на Константинопол во 330 год. од страна на Константин Велики и завршува со заземањето на градот од страна на османлиските сили на Мехмед II Освојувачот во 1453 год. Таа ја следи временската прогресија која го опфаќа распонот , моќта и долготрајната уметничка продукција на Византиската Империја преку тематски секции . На овој начин, изложбата ги истражува почетоците на Византија, подемот на Константинопол, заканата на иконоклазмот за христијанската фигуративна уметност, уметничката стилска кулминација достигната во средниот век, блиските врски меѓу Византија и раната ренесанса во Италија во XIII и XIV век, до самиот крај на Византиската Империја означен со падот на Константинопол во 1453 год.

tНа изложбата Византија 330-1453 се претставени дела и ретки експонати од колекции, музеи и манастири од цела Европа (од ризницата на Сан Марко од Венеција, националните музеи од Белград, Букурешт, Софија, Никозија, Атина, Берлин, Москва, Киев, од Лувр, од Византискиот музеј во Солун, од Британскиот музеј, од библиотеките на Оксфорд, Кембриџ, Венеција, Париз, Ватикан и др.), како и од САД (Метрополитен - Њујорк, Кливленд, Бостон и др.), Ерменија и Египет (иконите од Синајскиот манастир Св. Катерина беа претставени како копии, во очекување на оригиналите).

tИстакнато место на изложбата добија осумте икони од Република Македонија, од Галеријата на икони од Охрид: Архангел Гаврил од Благовештението (почеток на XII век); Богородица од Благовештението (почеток на XII век); Крштевање Христово (почеток на XIV век); Слегување во Ад (почеток на XIV век); Неверство Томино (почеток на XIV век); литиската икона Богородица Психосострија/Благовештение (почеток на XIV век); Исус Христос Пантократор (средина на XIV век) и Богородица Психосострија (средина на XIV век). Тие се изложени во засебна изложбена сала, истакнувајќи се како едни од највредните и најатрактивните експонати на изложбата.

     

tМеѓу ретките предмети претставени на оваа изложба е и Пехарот од Антиохија, 500-550 год. позајмен од музејот Метрополитен, Њујорк, за кој по неговото откривање во 1911 год. се верувало дека е Светиот грал. Меѓу бројните богатства од ризницата на Сан Марко од Венеција позајмени на Кралската академија за уметности за потребите на оваа изложба е и богато декорираниот Пехар на патријарсите , X-XI век ; потоа забележителен е империјалниот ковчег од слонова коска од катедралата од Трој со прикази на сцени од лов , но и ретките ракописи , како Хомилиите на Јоан Кокинобапос од 1100-1150 год. од Националната библиотека на Франција , Псалтирот Хлудов ( IX век ) од Националниот историски музеј од Москва итн.

tКако придружни активности кон изложбата, Кралската академија на уметностите организира серија предавања и работилници на различни теми од византиската историја и уметност за пошироката јавност. Овие настани , како и извонредната посетеност на изложбата , секако ќе придонесат кон зголемување на интересот и популаризација на уметноста на Византија . Како клучен дел од изложбата, секако и иконите од Република Македонија ќе профитираат од извонредната можност да бидат видени од илјадници посетители, на тој начин илустрирајќи го богатото и уникатно културно наследство на нашата земја.

tКако претставник од Управата за заштита на културното наследство, изложбата ја посети м-р Кристина Бицева, советник за уметничко и историско наследство, заедно со Тања Паскали Бунташеска, директор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Изложбата ќе биде отворена до 22 март 2009 год.



Апел Л И Н К О В И
cl

Апел И Н Ф О Р М А Т О Р
Списание на Управата за заштита на културното наследство
cl

Апел Х Е М Е Р О Т Е К А
cl

Македонски Археолошки Весник

Министерство за култура на Република Македонија

Скопско Кале

Periblepto dome in the narthex