Управа за заштита на културното наследство
Македонски / English
Дома Дома
За управата За управата
Статус Статус
Структура Структура
Активности Активности
Правилници Правилници
Контакт Контакт

„Љубљанска конференција – обнова на нашето заедничко наследство“

Култура / Culture

„Љубљанска конференција – обнова на нашето заедничко наследство“

Љубљанска конференцијаНа 6 и 7 ноември 2009 год. во Љубљана се одржа Меѓународната министерска конференција „Љубљанска конференција – обнова на нашето заедничко наследство“, организирана од словенечките министерства за надворешни работи и култура во соработка со Советот на Европа и Европската комисија, чија цел беше да се презентираат достигнувањата на проектот „Интегративен проект-план за обнова / процена на архитектонското и археолошкото наследство“. Во рамките на овој проект се изведуваше обнова на голем број локалитети и споменици во Југоисточна Европа, што беше од витално значење не само заради високите вредности на опфатените споменици и локалитети, но и како начин на приближување на заедниците, градење на взаемна доверба и охрабрување на меѓукултурниот дијалог. Проектот го демонстрираше значењето на интегрираниот приод кон управувањето со културното наследство и размената на информации за активностите на национално, регионално и локално ниво.

Министерството за култура на Република Македонија, преку Управата за заштита на културното наследство, беше активно вклучено во имплементацијата на проектот „Интегративен проект-план за обнова / процена на архитектонското и археолошкото наследство“, кој е дел од Регионалната програма за културното и природното наследство на Југоисточна Европа. Во овој проект кој отпочна во 2003 год. беа вклучени бројни стручни лица од надлежните институции за заштита, кои работеа според методологијата на Советот на Европа. Во Листата на Приоритени интервенции изготвена од Република Македонија се вклучени 17 споменици и локалитети, како репрезенти на разновидното мултикултурно наследство на нашата земја. Оваа листа ги вклучува археолошките локалитети: Вардарски Рид, Хераклеја Линкестис, Бања Банско, Црквиште-Мородвис и Епископската базилика и баптистериумот од Стоби; црквите Успение на Пресвета Богородица во с. Велушина, Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, Св. Богородица Перивлепта во Охрид; манастирот Св. Никола во с. Манастир и конаците во Лесновскиот манастир. Меѓу верските објекти, на оваа листа се вклучени и Хусамедин-пашината џамија во Штип и Хајдар-Кади џамија во Битола. На листата се наоѓаат и споменици од профаната архитектура: куќата на Рефик Сеља во Дебар, куќата на Кочо Тренчов во Велес, Златковата кула во Кратово, како и споменичките целини – селата Кичиница и Маловиште.

Љубљанска конференција

За сите овие споменици и локалитети се изготвија Прелиминарни технички проценки во кои се оцени нивната постојна состојба и нивото на потребни приоритетни интервенции, а тие послужија како основа за изготвување на елаборирани физибилити студии во кои беа посочени и конкретни предлози и планови за спроведување на заштитни интервенции во насока на ревитализацијата на овие културни добра.

Во рамките на овој процес, во соработка со експертите на Советот на Европа, Министерството за култура на Република Македонија понуди три проекти за обнова: црквата Св. Ѓорѓи - Старо Нагоричане, Златкова кула – Кратово и црквата Св. Богородица Перивлепта – Охрид. Нашите експерти и претставници од релевантни институции изготвија документи за промоција на овие споменици, вклучувајќи и бизнис планови за нивна рехабилитација со цел да се презентираат пред потенцијални инвеститори и донатори.

Во своето обраќање на Конференцијата пред присутните министри од земјите од Југоисточна Европа и високите претставници на Советот на Европа, Европската комисија, УНЕСКО и други меѓународни организации, министерот за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска истакна дека приоритети на нашата земјата во текот на претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа од мај до ноември следната година ќе бидат ревитализацијата и рехабилитацијата на културното наследство во функција на регионалниот развој, со натамошна поддршка на пилот-проекти, нагласувајќи дека Република Македонија ќе го поддржи продолжувањето на „Љубљанскиот процес“, со нов „Скопски процес“.

министерот за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска

Членови на македонската делегацијата предводена од министерот за култура беа и м-р Кристина Бицева и м-р Снежана Герасимова Матеска од Управата за заштита на културно наследство, во својство на проектни координатори на проектот „Интегративен проект-план за обнова / процена на архитектонското и археолошкото наследство“, односно на „Пилот проектот за локален развој“, како дел од Регионалната програма за културното и природното наследство на Југоисточна Европа.



Апел Л И Н К О В И
cl

Апел И Н Ф О Р М А Т О Р
Списание на Управата за заштита на културното наследство
cl

Апел Х Е М Е Р О Т Е К А
cl

Македонски Археолошки Весник

Министерство за култура на Република Македонија

Скопско Кале

Periblepto dome in the narthex