Аквадуктот над Серава ќе блесне во полн сјај

Публикацијата „Стратешки план за заштита и рехабилитација на Аквадуктот во Скопје и неговата околина“ предвидува идентификација на вредностите на Аквадуктот, негово историско, археолошко и конзерваторско истражување, конзерваторско-реставраторски интервенции, правење на парк за рекреација и организирање на активности кои ќе вдахнат нов живот на ова културно добро

За Аквадуктот во Скопје, лоциран меѓу Скопската тврдина Кале и археолошкиот локалитет Скупи, уникатно градителско добро од исклучителна важност кое претендира да стане симбол на главниот град е изготвена публикација во која се изнесени мерки за негова заштита и заживување на околниот простор.

Публикацијата „Стратешки план за заштита и рехабилитација на Аквадуктот во Скопје и неговата околина“ е изготвена со мултидисциплинарен приод, земајќи ги предвид сите аспекти кои ќе придонесат Аквадуктот и неговата околина да станат пријатен простор за посета и атрактивна туристичка дестинација за оние кои сакаат да бидат дел од неговата приказна.

Планот предвидува идентификација на вредностите на Аквадуктот, негово историско, археолошко и конзерваторско истражување, конзерваторско-реставраторски интервенции, потоа заштита и унапредување на животната средина преку правење на паркови, односно план за рехабилитација на пределот и друго. Со тоа, овој простор ќе стане примамлива локација, не само за секојдневни прошетки, туку и место каде што ќе се организираат и оддржуваат културни манифестации, што ќе придонесе до јакнење на културното и уметничко јадро на Скопје.
Публикација „Стратешки план за заштита и рехабилитација на Аквадуктот во Скопје и неговата околина“ е резултат на заеднички македонско-фламански проект во кој беа вклучени Управата за заштита на културното наследство, Градот Скопје, Одделот за процесирање на просторни информации и Меѓународниот центар за конзервација „Рејмонд Лемер“ од Католичкиот универзитет од Лувен во Фландрија, MESA consult од Скопје, Urbis et Terra од Лувен, Конзерваторскиот центар – Скопје и Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и истиот беше финансиски поддржан од Програмата за Централна и Источна Европа на Фландриската влада (Белгија).

 

Аквадуктот низ времето

Со должина од 384 метри, со 54 главни сводови и 42 таканаречени „олеснувачки“ засводени отвори, Аквадуктот над малата долина на реката Серава е здание кое несомнено ќе го привлече вниманието на секој минувач и вљубеник во историјата. Во долниот дел, тој има 53 правоаголни столбови и 2 странични рампи: северна и јужна. Челните ѕидови се направени од камен и тула со варов малтер, со архиволти и надворешни лакови од тула, додека столбовите се изведени од речен и кршен камен со делумна употреба на камени плочи. Аквадуктот бил дел од водоводот преку кој се пренесувала вода од Скопска Црна Гора до Скопската тврдина Кале. Во науката постои поделено мислење околу времето на неговата изградба. Според некои истражувачи, овој споменик бил изграден во VI век, за време на владеењето на Јустинијан Први, додека други сметаат дека овој споменик е направен нешто подоцна, во XV век. Сепак, се верува дека овој грандиозен објект бил сe уште активен кон крајот на XIX век.

Bookmark the permalink.

Comments are closed