Во УНЕСКО впишани две нови нематеријални културни добра од Република Македонија

 

На 12. состанок на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО-вата Конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, кој се одржа од 03 до 10 декември 2017 година на островот Чеју во Јужна Кореја, (Jeju, South Korea) се впишаа две нематеријални добра на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото, и тоа „Културните практики поврзани со 1 март – Мартинки“ и „Пролетната прослава Х’дрелез“.

Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура на Република Македонија, активно партиципираше во двете мултинационални номинации што како процес започна во 2012 година.  Секретаријатот на Конвенцијата за нематеријално културно наследство при УНЕСКО, акцентот го става токму на ваквите апликации, во кои се истакнуваат заедничките културни елементи меѓу државите апликанти, почитта кон културната разноликост во самите држави, како и видливоста на современата човекова креативност инспирирана од традицијата. Истовремено, ваквите апликации го зајакнуваат и чувството на припадност кај самите носители, со што тие стекнуваат повисока свест за значењето на нивната културна експресија и социјални практики кои во самата заедница се пренесувани од генерација на генерација.

Културни практики поврзани со 1 март – „Мартинки“

Во мултинационалната номинација за впишување на „Културните практики поврзани со 1 март – Мартинки“ учествуваа Република Романија како иницијатор, Република Бугарија, Република Македонија и Република Молдавија. Процесот подразбираше научно апликативен пристап на идентификација и валоризација на елементот како и пропишување мерки на зачувување на обичаите и верувањата поврзани со правењето и носењето „мартинки“ кои, како дел од предхристијанските верувања се’уште се практикуваат во овој дел на Југоисточна Европа. Во Република Македонија овие обичаи се зачувани кај Македонците, Власите и Албанците кои правењето различни видови мартинки (до денес најзачувани се црвено-белите амајлии), ги практикуваат на празникот Летник на 14 март.

Пролетна прослава „Хидрелез“

Мултинационалната апликација за впишување на „Пролетното празнување Х’дрелез“ како дел од светското нематеријално културно наследство започна во 2012 година на иницијатива на Националната комисија на УНЕСКО на Република Турција. На почетокот во апликацијата беа вклучени седум земји од регионот на Југоисточна Европа, но завршната номинација ја поднесоа само Република Македонија и Турција. Со оваа апликација, Република Македонија за прв  пат номинираше нематеријално културно добро на малцинските култури на Турците и Ромите од државата. Во целиот процес од страна на Република Македонија беа вклучени г-ѓа Лидија Топузовска, поранешен генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО за Македонија како главен координатор на проектите, доц. д-р Велика Стојкова Серафимовска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје како автор на делот за Република Македонија во двете досиеа, м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура на Република Македонија. На 12. состанок на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО-вата Конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото во Чеју, Јужна Кореја, во името на Република Македонија се заблагодарија г-ѓа Билјана Прентоска, генерален секретар нa Националната канцеларија на УНЕСКО за Република Македонија и г-дин Шенол Тахир, претставник на турската заедница од Република Македонија.

Bookmark the permalink.

Comments are closed