Грант од Амбасадорскиот фонд

Свечено потпишување на Грантот од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство за реставрација и ревитализација на манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта во Охрид

На 29 октомври 2009 год. во Куќата на Робевци во Охрид, министерот за култура Елизабета Канческа Милевска и амбасадорот на САД во Република Македонија, во присуство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, потпишаа Договор за доделување на грант во висина од 650 илјади долари од страна на Амбасадата на САД во Република Македонија за проектот „Реставрација и ревитализација на манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта во Охрид“.

Главната цел на проектот финансиран со средства од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство на американскиот Стејт департмент, администриран преку Амбасадата на САД во Република Македонија, се конзерваторско-реставраторските интервенции врз архитектурата и фрескоживописот на црквата Св. Богородица Перивлепта, како и конзерваторски интервенции на северниот конак и камбанаријата.

Црквата Св. Богородица Перивлепта (1295 год.) по својата архитектура и живопис е еден од најрепрезентативните сакрални објекти во Република Македонија. Комплексната архитектонска концепција на крстообразна црква со доградени странични параклиси и трем, како и богатата керамопластика на фасадите сведочи за посебниот однос на нејзините ктитори и градители кои ги следат традициите на византиската архитектура и уметност од 13 и 14 век. Живописот во наосот претставува прво документирано дело на зографите Михаил и Евтихиј и ги одразува достигнувањата на најдобрите дворски сликари на т.н. Ренесанса на Палеолозите. Според својата архитектура и живопис оваа црква има универзално значење и исклучително национално значење и од тие причини има својство на културно наследство од исклучително значење.

Од досега направените истражувања констатирано е дека главните причини за оштетувањата на фреските се несоодветната интервенција на кровниот покривач, оштетувањата на фасадните фуги и отсуството на дренажен систем.

Предвидените интервенции врз градбата на црквата вклучуваат санација на кровната конструкција со компатибилен хидроизолационен систем, консолидација на фугите од варов малтер на фасадите и отстранување на цементните фуги од претходните интервенции. Исто така, ќе се пријде кон изнаоѓање решение за прозорските отвори низ кои продира атмосферска вода и ќе се утврдува можното постоење на подземни води и потребата од поставување дренажен систем.

На конзервацијата на фрескоживописот ќе му се пријде со особено внимание. Ќе бидат направени истражувања за отстранување на напластените соли и шалитра, на оштетувањата на малтерот, размножувањето на микроорганизмите.

Во ентериерот на црквата ќе се изврши и конзервација на резбаниот трон на архиепископот Григориј, „балдахинот“ и внатрешните врати на наосот и нартексот.

Грантот обезбедува и средства за конзервација на северниот конак во манастирскиот комплекс. Тое е катна дрвена конструкција изградена на крајот на 19 или почетокот на 20 век. По конзервацијата на ентериерот и екстериерот на оваа градба, нејзиното приземје ќе биде адаптирано во комерцијален објект за продажба на сувенири, копии од фрески/икони, публикации, додека пак горниот кат ќе служи како депо и канцеларија за Дебарско-кичевската епархија. Исто така ќе се консолидира и камбанаријата (изградена во 1923 год), а по завршувањето на конзерваторско-реставраторските активности во целиот комплекс, грантот ќе ги покрие и трошоците за негова илуминација.

Од аспект на заштитата на културното наследство во нашата земја, реставрацијата на црквата Св. Богородица Перивлепта ќе претставува огромна одговорност и предизвик. Токму исклучителната вредност на живописот и проблематиката на настанатите оштетувања беа предмет на повеќедецениски анализи и истражувања на реномирани стручни лица (архитекти, конзерватори, историчари на уметност). Поради недостигот на стручен кадар во нашата земја (конзерватори) за вака обемни и комплексни зафати, се предвидува вклучување на реномирани странски експерти во сите фази на реализација на проектот при што ќе се употребат најдобрите светски пракси и техники.

Апликацијата за добивање на грантот ја изготвуваше Управата за заштита на културното наследство во соработка со Американската амбасада во Скопје, врз основа на предлог-проект елабориран од страна на стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид.

Координатор на проектот ќе биде Управата за заштита на културното наследство, а активностите ќе ги изведува надлежната институција Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид во соработка со реномирани странски експерти за конзервација и реставрација.

Bookmark the permalink.

Comments are closed