Делегација од Управата за заштита на културното наследство присуствуваше на Генералното собрание на државите потписнички на Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО во Париз

На 27 и 28 ноември 2019 год., во седиштето на УНЕСКО во Париз, се одржа 22. Сесија на Генералното собрание на земјите потписнички на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО. На Генералното собрание, како дел од македонската делегација, присуствуваа директорот на Управата за заштита на културното наследство, г. Ацо Костов и м-р Ана Алексова од Одделението за меѓународна соработка при Управата.

За време на Генералното собрание, 193 земји-потписнички на Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, одлучуваа кои земји ќе ги пополнат местата на деветте земји во заминување од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО односно на Ангола, Азербејџан, Буркина Фасо, Куба, Индонезија, Кувајт, Тунис, Обединета Република Танзанија и Зимбабве. По целодневното гласање кое се одржа на 27 ноември, беше изгласано дека нови членки на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО се: Египет, Етиопија, Мали, Нигерија, Оман, Тајланд, Руската Федерација, Саудиска Арабија и Јужна Африка. На 28 ноември се одржа 13-та вонредна седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во новоформираниот состав при што беа дискутирани прашања поврзани со Фондот за светско наследство, иднината на Конвенцијата за светско наследство како и со можноста за изготвување на посебен ,,Код на однесување“ кој ќе се однесува на земјите-потписнички, Центарот за светско наследство и на Советодавните тела.

За време на престојот во Париз, беше остварена средба и со амбасадорката на нашата земја во Република Франција, г-ѓа Јадранка Чаушевска Димов, на која се дискутираше за можни идни соработки во насока на претставување на македонското културно наследство во Република Франција.

 

 

Bookmark the permalink.

Comments are closed