Меморандум за соработка помеѓу Управата за заштита на културното наследство и Советот за културно наследство на Косово

На ден 14.12.2021 година во просториите на Управата за заштита на културното наследство се одржа работен состанок по повод потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Советот за културно наследство на Косово (СКНК) и Управата за заштита на културното наследство (УЗКН). Меморандумот го потпишаа г-дин Ацо Костов, директор на УЗКН, и г-ѓа Занита Халими, претседател на СКНК.

Меморандумот за соработка помеѓу УЗКН и СКНК има за цел воспоставување партнерски односи за спроведување на заеднички едукативни и истражувачки активности во областа на конзервацијата, реставрацијата и валоризацијата на културното наследство. Професионалната соработка и размена на знаења меѓу експерти и институции ќе овозможи остварување заедничка корист, а ќе се реализира преку организирање на заеднички конференции, работилници или дискусии на тркалезни маси на теми од заеднички интерес во областа на конзервација/реставрација, управување и промоција на културното наследство. Деталите за заедничките активности ќе бидат дефинирани за секоја активност посебно и ќе бидат регулирани со конкретни програми.

Меѓу другото, беше изразена волја за натамошно проширување на соработката преку вклучување на единицте на локална самоуправа, особено во пограничните области, со цел аплицирање на меѓународни проекти.

На церемонијата за потпишување на Меморандумот присуствуваа и г-ѓа Ифета Никочевиќ – потпретседател на СКНК, г-дин Промтим Алај – потпретседател на СКНК, г-дин Крешник Бајрактари – извршен раководител на СКНК, г-дин Зоран Павлов – раководител на Сектор во УЗКН, Данче Ристовска Костадинова, советник за билатерална и мултилатерална соработка во УЗКН, г. Спасе Перовски – директор на Археолошкиот локалитет Стоби и г-дин Томе Филов – конзерватор за мозаици во Археолошкиот локалитет Стоби.

Bookmark the permalink.

Comments are closed