Меѓународен форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО

На 4 и 5 јули во Битола се одржа првиот Меѓународен форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО на тема, „Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој на градовите“.

На Форумот присуствуваа претставници од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, Кинотеката, невладиниот и бизнис-секторот кои работат во областа на креативните индустрии, филмот и аудиовизуелното наследство, претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Брадфорд, Лоѓ, Бристол, Галвеј, Рим, Софија и Битола како и претставник од Интернационалниот политички истражувачки центар специјализиран за култура и креативни индустрии KEA European Affairs од Брисел.

Учесниците на Форумот ги презентираа активностите на градовите, надлежностите на институциите  и нивните успешни проекти, како и своите предлог-проекти за соработка во областа на филмската дејност, аудиовизуелното наследство, иновациите и едукацијата.

Како панелист и презентер во рамките на Форумот учествуваше м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, советник за библиотечни, аудиовизуелни и фонотечни добра при Управата за заштита на културното наследство, која ги елаборираше надлежностите на Управата во однос на заштитата на аудиовизуелното наследство како и клучната улога на Управата за унапредување на дејноста на заштита на аудиовизуелното наследство.

Покрај панел дискусиите и презентациите во рамките на Форумот имаше и филмски проекции. На отворањето на Форумот беше прикажан реставрираниот филмски класик „Еден посебен ден“ од славниот италијански режисер Еторе Скола. Во рамките на филмската програма на затворањето беа прикажани три филма, меѓу кои првиот македонски филм во боја „Македонија во слики“ од Арсениј Јовков, како и документарниот филм „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски.

Bookmark the permalink.

Comments are closed