Меѓународна конференција ,,Валоризација на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново од XII век како културно наследство од посебно значење на патеката на културно наследство во 2018 година “ и иницијатива ,,Факел на културното наследство“ во рамките на ,,Европската година на културното наследство 2018“

На 28 септември 2018 година, во организација на Управата за заштита на културното наследство и Здружението за валоризација, популаризација и едукација за културното наследство ,,Македонида“, во ЕУ Инфо центарот во Скопје, се одржа меѓународна конференција на тема ,,Валоризација на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново од XII век како културно наследство од посебно значење на патеката на културното наследство во 2018 година“ , на која учествуваа домашни и странски експерти од областа на заштитата на културното наследство. Во фокус на конференцијата беше црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, нејзиното значење, конзервација, но и ревитализација во насока на развојот на верскиот туризам во Република Македонија.

Конференцијата беше отворена од страна на Министерот за култура на Република Македонија, г. Асаф Адеми кој во својот говор истакна дека ,, Културното наследство на која било земја со своите посебности и препознатливи карактеристики е интегрален дел на светското културно наследство што е сведоштво за креативноста на човештвото и затоа заштитаата на културното наследство претставува нужност и морална обврска“. Министерот исто така посочи дека ,,Одговорноста е огромна кога станува збор за наследството и дека обврска на Министерството за култура е да воспостави доследен систем на заштита што ќе се погрижи и гарантира континуирано висока професионална заштита и реставрација на автентичните вредности на нашето богато културно наследство“.

На свеченото отворање свое обраќање имаше и директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова-Митевска, која истакна дека ,,За 2018 година, Управата подготви сеопфатна програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, сѐ со цел да се направи културното наследство и неговата заштита што повидливо и што поприсутно во јавноста и поприфатливо за сите генерации“. Во своето обраќање кажа и дека ,,Св.Ѓорѓи во Курбиново е една малечка црква, подигната во едно далечно село во Република Македонија, што восхитува со својот фрескоживопис кој се памети до крајот на животот. Фрескоживописот е изработен во тн. период на македонска ренесанса во византиското сликарство и се карактеризира со живи бои, со карактеристични претстави на изразите на лицата, со специфични сцени и самиот тој факт говори за значењето кое што овој монумент го има не само за македонската јавност, туку и за европската“.

Втората активност која се реализира истиот ден е иницијативата ,,Факел на културното наследство“ која се одржа во Чифте амам и истата е меѓу водечките настани на европско ниво, која има за цел да ја подигне свеста за значењето на богатото верско наследство на Европа. Република Македонија е единствената земја која не е членка на Европската Унија каде се одржа церемонијата на доставување на лични писма (пораки) во тн. ,,кутија на сеќавања“. Свои писма на овој настан доставија Министерот за култура на Република Македонија, г.Асаф Адеми; директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова-Митевска; претседателот на Здружението ,,Македонида“, г. Панче Велков; проф. д-р Ристо Солунчев, професор на Филозофскиот факултет;  г. Ристо Палигора, конзерватор во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола и Фросина Јовчевска, апсолвент на Институтот за историја на уметност. Во рамките на церемонијата, беше отворена и изложба на фотографии насловена ,,Свети места“, која беше отворена од страна на директорката на Националната галерија на Република Македонија, д-р Дита Старова Ќерими. На отворањето на изложбата се обрати и Гордана Велков, куратор на изложбата, историчар на уметност со археологија и советник во Здружението ,,Македонида“.

Овие настани беа реализирани со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

Bookmark the permalink.

Comments are closed