Најзначајните вредности на културното и природното наследство се презентирани во нови 15 изданија

Во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, на 28 јануари 2018 година, беа промовирани 15 нови изданија од едицијата „Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“, во издание на Управата за заштита на културното наследство, со што се заокружува бројката од досега објавени 45 наслови од оваа значајна едиција.

На настанот беа промовирани следните наслови на македонски јазик: Црквата Св. Богородица – Матејче; Црквата Св. Богородица Елеуса – Вељуса; Керамичките рељефни плочи од Виница; Маркови кули, Варош – Прилеп; Таор (Античка населба Тауресиум); Баргала; Манастирот Трескавец; Тумба Маџари, археолошки локалитет и неолитско село; Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново и Муниципиј Стобенсиум; а во превод на англиски: Municipium Stobensium; The History of Discovering the Site of Isar – Marvinci; The Medieval Fortress of Isar – Shtip; Kokino – a Holy Mountain and Observatory for 4000 Years; The Great Bath of the Late Roman Thermal Spa in the Village of Bansko.

Хор „Херувими“

Богатото културно и природно наследство на Република Македонија и значењето кое тоа го има за општеството, беше повод за отпочнување на повеќегодишниот проект на Управата за заштита на културното наследство, насловен како „Најзначајните вредности на културното и природно наследство на Република Македонија“, кој преку 130 монографски публикации ќе ги доближи најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства до домашната и меѓународна публика и ќе придонесе кон збогатување на библиографскиот фонд за културните и природните добра од нашата земја.

Горан Санев

На свечената промоција настапи камерниот хор „Херувими“ од Скопје, кој изведе творби од византиската традиција од македонски автори, по што следуваше обраќање на директорот на Археолошкиот музеј на Македонија, г. Горан Санев, којистакна дека овие публикации се „вистинско признание за навистина богатото културно наследство кое го има нашата држава“, но и дека оваа едиција е големо признание за работата на повеќе генерации истражувачи кои сиот свој живот го посветија на културното наследство, на неговото откривање, поучување, заштита и промоција.

Елеонора Петрова – Митевска

Понатаму следуваше обраќање на директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова – Митевска, која посочи дека слоганот на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство „Нашето наследство-европска вредност“ има двојно значење – приближување на нашето наследство до пошироката европска јавност, но и преку фактот дека во текот на историските епохи, наодите од македонската праисторија и антика, византискиот период, османлискиот период, всушност, имаат заеднички корен во повеќе европски држави и се наследство не само на Република Македонија, туку на цела Европа.

Роберт Алаѓозовски

На настанот свое обраќање имаше и министерот за култура во Владата на Република Македонија, м-р Роберт Алаѓозовски, кој истакна дека ја препознава мисијата на овие публикации за доближување на културното богатство и нашите локалитети до пошироката публика затоа што една од најзначајните задачи на Управата за заштита на културното наследство е да го популаризира и да го направи достапно не само за стручната, но и за пошироката јавниост со цел да го поттикне разбирањето и споделувањето на европското културно наследство и да се подигне свеста за нашата заедничка историја и вредности и заедничкото чувство на идентитет и градење на иднината на Европа.

Тој подвлече дека културното наследство и неговата заштита, како и промовирањето на неговите европски вредности се врвен програмски приоритет на Министерството за култура и во таа смисла во Страгијата за развој на културата и културнитте политики е одвоено посебно место за унапредување на состојбите во заштитата на културното наследство, најавувајќи дека во претстојниот период ќе се премине кон изработка на стратегија за заштита на културното наследство и нови законски решенија за заштита на културното наследство.

Овој настан е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“. Изработен е и план за дистрибуција на новите 15 изданија и набрзо истите ќе бидат дистрибуирани достапни во библиотеките ширум државата и во надлежните институции за заштита и популаризација на културното и природното наследство на Република Македонија.

Bookmark the permalink.

Comments are closed