Најубавите икони и археолошки предмети изложени во Холандија

Изложбата „Ненадмината убавина“ досега е најобемно претставување на културното наследство од Македонија во светот, но е особено важна поради внимателно одбраните артефакти, кои се, како што е именувана поставката, ненадминати во својата убавина, која, за среќа, е на дофат на посетителот од ова време

Највредните археолошки експонати и најубавите икони од средновековието и од XIX век, фрагменти од фрески, предмети од османлиско време, верски парчиња од Еврејската заедница и многу други културни богатстава од тлото на Република Македонија кои не можат, а да не предизвикаат восхит кај набљудувачот, молчеливо раскажувајќи за животот, смртта, верувањата и страстите на човекот кој од дамнина опстојувал на овие простори, се претставени на голема изложба во музејот „Катаријнеконвент“ во Утрехт, Холандија. Изложбата „Ненадмината убавина“ досега e најобемно претставување на културното наследство од Македонија во светот со вкупно 159 артефакти, од кои 62 археолошки предмети, 6 примероци од оригинални фрагменти од средновековен живопис, 52 икони и 39 литургиски предмети. Не поради обемот, туку поради внимателно одбраните историски и археолошки експонати кои се есенција на богатиот културен трезор на земјава, оваа изложба, како што е именувана, е ненадмината убавина, но, за среќа, достапна за посетителот од ова време.

Историската патека на македонските културни остатоци изложени пред холандската публика е прилично долга и разновина, па затоа обидот да се издвојат најубавите артефакти од „Ненадмината убавина“ е тешка задача, имајќи ги на ум сите артефакти, кои, дали поради својата старост или, пак, поради својата убавина, предизвикуваат стравопочит и восхит во исто време.

Репрезентативни археолошки експонати

Посмртна ритуална рака ( V век п.н.е), Горна порта, Охридска крепост

Впечатливи по својата појавност, но и мудри забележувачи на времињата, археолошките експонати се важен дел од изложбата во Утрехт. Меѓу шеесет и двата артефакти посебен впечаток и белег оставаат култните жртвеници од неолитот, како што се можеби и најпрепознатлите експонати од ова време, Големата Мајка од Говрлево и керамичкото торзо на Адам, исто така од Говрлево. Прекрасните црнофигурални вази откриени во некрополите од локалитетот Исар- Марвинци, Валандово, потоа статуетата со претстава на Дедал од Плаошник, Охрид, датирана во македонско-хеленистичкиот период (2 век пр. н.е), многу накит од Лисичнин Дол, од Исар-Марвинци, најдоа свое место на изложбата. Посебно забележителни се златните наоди од охридската крепост од Горна Порта, познатата златна маска, посмртната ритуална рака, ритуалните очила, мајсторски изработениот накит и друго. Виничките теракотни икони декорирани со сцени од Стариот завет и Давидовите псалми, кои се сведок за уметниката продукција во ранохристијанскиот периoд, исто така се поставени пред холандската публика.

Иконите на врвните зографи

Најубавите средновековни икони, насликани од рацете на најпознатите зографи од тоа време, како и наративните иконописни дела од XIX век, кои говорат за едно време обременето со христијански дух, религиозна посветеност и збиена, но врвна црковно-уметничка продукција, даваат посебен белег на изложбата поставена во Холандија. Скапоцена е секоја изложена икона, како по својата иконографија така и по стилот на сликање. Многу од нив се вистински раритети и се сакапоцени уметнички сведоци на византиската уметност. Меѓу нив посебно место заземаат иконите: „Исус Христос Спасител и Живото­давец“ од митрополитот Јован Зограф (1342/3), „Богородица Пелагони­тиса“ од зографот и јеромонах Макариј (1421/2), „Благовештение“ од работилницата на зографот Јован од Грамоста, потоа познатата „Богоро­дица Пантонхора“ од зографот Дичо Крстевич (1844) и десетици други.

tИзложбата „Ненадмината убавина“ е во организација на Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, а со поддршка на Министерство за култура. Поставката ќе биде отворена во Утрехт, Холандија, до 11 мај 2011 година.

Bookmark the permalink.

Comments are closed