Отворена средба со д-р Мартин Першлер, Програмски директор на Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство од Центарот за културно наследство на Стејт Департментот на САД

Денес, 31 мај 2019 година, Управата за заштита на културното наследство во соработка со Амбасадата на Соеднинетите Американски Држави и Националната Галерија, организираа отворена средба со д-р Мартин Першлер, Програмски директор на Амбасадорскиот фонд за заштита на културно наследство од Центарот за културно наследство на Стејт Департментот на САД од Вашингтон.

Д-р Мартин Пешлер како Програмски директор на Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство, повеќе од десет години ги менаџира двете грантовски програми на Фондот чиј буџет изнесува повеќе милиони долари. Со дваесетгодишно искуство во развој на програми и менаџмент работејќи во федералната влада и во приватниот сектор, д-р Першлер ги претставувал Соединетите Американски Држави во дипломатски мисии за културно наследство во повеќе од 25 земји во светот и во Западниот Брег и пишувал и презентирал пред домашната и странска јавност за меѓународната заштита на културното наследство и неговата улога во надворешната политика на САД.

На средбата д-р Першлер одржа презентација за воспоставувањето на системот за заштита и управување со културното наследство во Соединетите Американски Држави, како и можностите за добивање грантови од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство, со чија поддршка веќе се спроведени многу проекти за заштита на културното наследство во нашата земја.

На средбата присуствуваа претставници од државните институции и од невладиниот сектор од областа на заштитата на културното наследство, а свои поздравни обраќања имаа директорката на Националната Галерија, г-ѓа Дита Старова Керими,  директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова – Митевска и г. Бенџамин Лингеман, аташе за култура  во Амбасадата на Соединетите Американски Држави.

Bookmark the permalink.

Comments are closed