Официјален старт на проектот ,,Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“

На 15 февруари 2022 година, беше означен офицјалниот почеток на проектот „Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“ кој се спроведува во партнерство помеѓу Управата за заштита на културното наследство и ИКОМОС Македонија, заедно со Центарот за конзервација и реставрација „Ла Венариа Реале“ и Фондацијата за културна економија Сантагата од Торино, Италија. Проектот е еден од 7-те проекти  кофинансирани од Програмата за размена на знаења (Know-how Exchnage Programme – KEP) на Централноевропската иницијатива (CEI) за 2021 година.

Настанот кој се одржа виртуелно беше отворен од страна на г-ѓа Елисабета Довиер, проектен менаџер од Централноевропската иницијатива која во своето обраќање ја истакна улогата на ЦЕИ за одржливиот развој преку поддржување регионална соработка и особено нивниот интерес да продолжат со поддршка на проекти за културното наследство во регионот.

Со свое обраќање, учесниците беа поздравени од г. Аријан Асланај, директор на Управата за заштита на културното наследство кој го истакна значењето на овој проект како одлична можност за вработените во Управата и поголем број вработени од инстутуциите за заштита на културното наследство од државата да учествуваат во специјализираните обуки за најсовремените пристапи во конзервацијата и управувањето со културното наследство кои ќе бидат водени од истакнати експерти од Италија.

Претседателката на ИКОМОС Македонија, г-ѓа Кристина Бицева во своето поздравно обраќање ја подвлече улогата на ИКОМОС како еден од најзначајните вонинституционални чинители во заштитата на културното наследство на глобално ниво, но и во нашата земја, посочувајќи дека како претставници на организацијата во обуките ќе учествуваат млади професионалци од ИКОМОС Македонија со цел зајакнување на нивните знаења.

Присутните беа поздравени и од г-ѓата Сара Абрам, генерален секретар на Центарот за конзервација и реставрација „Ла Венариа Реале“ и од Алесио Ре, генерален секретар на  Фондацијата Сантагата кои исто така го искажаа своето задоволство од можноста за соработка со македонските партнери и учесници во обуките.

На настанот учесниците имаа можност да слушнат од проектните партнери повеќе детали за програмските активности кои ќе бидат организирани во рамките на проектот, информации за структурата на двете обуки, за нивниот дидактички и практичен аспект и за логистичките специфики.

Имено, во рамките на проектот кој ќе се спроведува една година, ќе бидат одржани две обуки: Управување со културното наследство и Конзервација на културното наследство, организирани од страна на Фондацијата Сантагата и Центарот за конзервација и реставрација „Ла Венариа Реале“ во соработка со проектните партнери од Македонија.  Обуките имаат за цел да ги зајакнат техничките вештини и вештините за управување на стручните лица вклучени во заштитата на културното наследство во Република Северна Македонија, со цел зајакнување на нивните капацитети за развивање одржливи, ефикасни и холистички стратегии за конзервација на културното наследство.

40 учесници, претставници од националните установи за заштита на недвижното културно наследство, од Управата за заштита на културното наследство и членови на ИКОМОС Македонија ќе имаат можност да учествуваат во специјализирани обуки за најсовремените пристапи во конзервацијата и управувањето со културното наследство. Активностите за градење капацитети ќе се спроведуваат преку онлајн дидактички модули (во текот на февруари и април) и предавања со физичко присуство (во мај), вклучително и практична обука во Охрид на избрани културни добра. Учесниците ќе имаат можност да бидат обучени од врвни експерти, претставници на италијански и меѓународни организации за заштита на културното наследство како УНЕСКО, ИКОМОС, ИКРОМ и многу други.

Bookmark the permalink.

Comments are closed