Промоција на книгата ,,Антологија на македонското црковно пеење“ од Јане Коџабашија во рамките на ,,Европската година на културното наследство 2018“

На 01.06.2018 год, во ЕУ Инфо-центарот во Скопје се одржа свечена промоција на книгата ,,Антологија на македонското црковно пеење“ од авторот, проф. д-р Јане Коџабашија, во рамките на Европската година на културното наследство 2018, а посветена на 60-годишнината од обновувањето на Охридската архиепископија како Македонска православна црква (1958-2018).

Свечената промоција беше отворена со настап на камерниот хор ,,Херувими“ од Скопје, кој изведе творби од византиската традиција од македонски автори, по што следуваше обраќање на директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова-Митевска, која го нагласи своето големо задоволство што во годината посветена на културното наследство се промовира еден вака значаен дел од нематеријалното културно наследство, кое, покрај материјалното културно наследство, ќе биде сè повеќе во фокусот на интерес на Управата за заштита културното наследство. „Фактот што после 2000-тата година, македонското црковно пеење се врати на своите старословенските корени е идентитетски многу важно за македонската култура и културно наследство, а македонското црковно пеење и неговите корени се тоа што нè одбележува и токму така се зачувува културното наследство… Од овој момент оваа книга ќе биде стожерна за културното наследство од оваа сфера и ќе ни даде понатамошни насоки како да го зачувуваме и она што можеме да го слушнеме..“ – истакна директорката Петрова-Митевска.

На промоцијата се обрати и академик Луан Старова, кој истакна дека ова е капитално дело на композиторот, музиколог и професор Јане Коџабашија со чија дејност македонската музичка византологија се здоби со нова динамика е голема симфонија на животиот. „Ова е ретка и драгоцена книга која на нашите простори и пошироко ќе има голема мисија во локален и универзален контекст“, истакна академик Старова.

Понатаму следуваше обраќање на авторот на книгата, проф. д-р Јане Коџабашија кој заблагодарувајќи се на поддршката, најави продолжување на неговите истражувања на македонското црковно пеење. А во книгата „Антологија на македонското црковно пеење“, авторот ќе напише:

,,Карактерот на македонското црковно пеење е започнат уште при првиот допир на словенскиот црковен текст со византиската мелодија, во времето кога солунските браќа Константин и Методиј се подготвуваат за своите просветителски мисии. Но, вистинските стремежи да се создаде сопствено црковно пеење со препознатливи словено-македонски карактеристики можеле да се појават дури во црковно-просветителскиот период на Светите Климент и Наум Охридски. Фолклорните мелодии воведени и вкоренети во црковно-музичкиот репертоар претставуваат извонредно важен елемент во литургискиот чин, со кој се обезбедува народниот карактер на црковното пеење, а со тоа и привлекување на поголем број верници во богослужбата.

Кога станува збор за црковното пеење во Македонија и на поширокиот православен простор од средината на XIX и преминот во XX век и за околностите што влијаеа врз неговиот развој, треба да се одбележи силното влијание на европската музика и продирањето на веќе европеизираната руска световна и црковна музика, преку воведувањето на четиригласни хорски ансамбли во богослужбата. Но и покрај овие влијанија на европската световна и духовна музика, кои во Македонија се најсилно изразени во последната четвртина на XIX век, благодарение на длабоките корени на црковното пеење, како и на бројните ракописи и печатени псалтики создавани од македонските црковно-музички творци во периодот на Националната преродба, црковното пеење на територијата на Македонија ќе го зачува духот на свети-Климентовото предание…“.

Печатењето на книгата ,,Антологија на македонското црковно пеење“ беше овозможено со грант од Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, во рамките на одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018.

Bookmark the permalink.

Comments are closed