Работна средба со градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски

Состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион како и Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со Препораките од Реактивната мисија на УНЕСКО беа повод за работна средба во просториите на општина Охрид на членови на Работната група за имплементирање на Препораките со градоначалникот на општина Охрид г-дин Јован Стојаноски. На средбата беа разгледани повеќе аспекти од процесот на имплементација на препораките, преземените активности од страна на општина Охрид за надминување на проблемите а посебен акцент беше даден на урбанистичката пресија која е нотирана како една од важните препораки за надминување на состојбите и зачувување на статусот на светско наследство. Се разговараше и за изнаоѓање начин за изработка на деталните урбанистички планови за 19 комплекси кои го сочинуваат старото градско јадро на Охрид но и за улогата на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион како тело кое во голема мера може да придонесе во надминување на проблемите со кои се соочува регионот.

Беше истакнато дека како главен двигател на сите промени неопходно е што поскоро ревидирање на нацрт Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и негово донесување, со кој ќе бидат дефинирани можностите, насоките и развојните компоненти на регионот како светско наследтсво темелени на критериумите и стандардите кои треба да ги поседува локалитет со исклучителни универзални вредности.

На средбата со градоначалникот на општина Охрид г-дин Јован Стојаноски, присуствуваа Елеонора Петрова Митевска – директор на Управата за заштита на културното наследство, Христијан Ѓоргиевски – советник во кабинетот на претседателот на Владата на РМ, Ана Петровска – Државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Илбер Мирта – Министерството за животна средина и просторно планирање-сектор за води, Ана Ѓорѓиоска – Министерство за транспорт и врски, Елеонора Новакоска – директор на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Охрид, Зоран Павлов – раководител на сектор во Управата за заштита на културното наследство и претседател на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и Антонио Балески и Антонио Гавриловски од општина Охрид.

Присутните се договорија и за динамичен план на активности за наредниот период со што ќе се направи обид за надминување на состојбите и заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Bookmark the permalink.

Comments are closed