Работна средба со градоначалниците на општините Струга и Дебарца

Во просториите на општина Струга продолжи серијата на средби со градоначалниците на општините кои се наоѓаат во регионот на Охридското езеро кој е впишан на Листата на УНЕСКО како светско наследство. Членовите на Работната група за имплементирање на Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (Краков, Полска, 2017) и Препораките од Реактивната мисија на УНЕСКО, оствари средба со градоначалникот на општина Струга г-дин Рамиз Мерко и градоначалникот на општина Дебрца г-дин Зоран Ногачески и нивните соработници. Разбирањето на регионот на Охридското езеро како светско наследство беше појдовна тема во разговорите. Сепак, главните теми на кои се посвети особено внимание беа контролата на нивото на езерото, проблемот со колекторскиот систем и секако урбанистичкиот развој. Урбаната пресија на струшкото крајбрежје, потребата од интензивирање на постапките за донесување на деталните урбанистички планови и развојот на општина Струга беа темите околу кои се водеше дискусија со цел изнаоѓање начини за надминување на сите проблеми во насока на испочитување на препораките од Мисијата на УНЕСКО но и задржување на статусот на свестко наследство. И покрај евидентните различни ставови во однос на статусот, обврските и целите за заштита на светското природно и културно наследство во регионот на Охридското езеро, како позитивно може да се оцени вниманието кое општина Струга го посветува за контрола на депонијата Буково но и вклученоста на општините Струга и Дебрца во проектот за враќање на реката Сатеска во нејзонот стар тек, активности кои беа нотирани во Извештајот и препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО.

На средбата присуствуваа д-р Елеонора Петрова Митевска – директор на Управата за заштита на културното наследство, Христијан Ѓоргиевски – советник во кабинетот на претседателот на Владата на РМ, Ана Петровска – Државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Илбер Мирта – Министерството за животна средина и просторно планирање-сектор за води, Елеонора Новаковска – директор на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Охрид, Зоран Павлов – раководител на сектор во Управата за заштита на културното наследство и претседател на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Напорите за изнаоѓање заеднички јазик со сите засегнати страни – локалната самоуправа и надлежните институции ќе бидат приоритет и во наредниот период со една единствена цел – зачувување на статусот на светско наследство на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Bookmark the permalink.

Comments are closed