Средба на министрите за култура на Македонија, Црна Гора и Албанија во Охрид на тема ,,Спроведување на акции и мерки според одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО“

На 6 јуни 2018 год., во Охрид, во рамки на регионалната платформа на министри за култура на Југоисточна Европа – КОМОКОСЕ, поддржана од УНЕСКО, се одржа заедничка средба на преставници од Министерствата за култура на Република Македонија, Црна Гора и Албанија со цел размена на заеднички искуства поврзани со спроведување на добиената препорака и Одлуката од 41-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, а кои се однесуваат на Охридскиот регион, добро впишано на листата на светско наследство на УНЕСКО.

На средбата воведно излагање имаше министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми, кој покрај заложбите кои ги прави Република Македонија во спроведување на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, особено ја истакна и соработката со Република Албанија во насока на подготовка на досие за проширување на делот на Охридското езеро кој се наоѓа на албанската страна и негово прогласување за Светско природно и културно наследство, а во воведниот дел се обратија и Игор Вучиниќ, секретар на министерот за култура на Црна Гора, Валбона Шујаку заменик-министер за култура на Република Албанија, Синиша Шешум преставник на УНЕСКО, градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, потпретседателот на општина Котор, Бранко Недовиќ, градоначалникот на оштина Дебарца, Зоран Ногачески.

На средбата беа презентирани тековните и идни активности поврзани со препораките на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО, како и размена на искуства во справување со предизвици кои влијаат на вредностите и управувањето со Светските добра – Охридскиот регион ирегионот на Котор.

Синиша Шешум, шеф на Антена канцеларијата (Сараево) при Регионалното биро на УНЕСКО ги презентираше обврските кои земјите членки на Конвенцијата на светско наследство на УНЕСКО ги имаа во однос на нејзиното имплементирање но и ризиците со кои веќе подолг период се соочуваат регионите на Охрид и Котор особено од аспект на урбаниот развој. Тој ја истакна и потребата од дефинирање на насоки за понатамошна заедничка соработка во заштита на Охридскиот регион согласно стандардите на УНЕСКО.

Состанокот резултираше со плодна дискусија каде беа разменети искуствата на преставниците од Црна Гора во справувањето на мораториумот на урбаниот развој на регионот на Котор, како и можностите, но и начините како тие искуства би можеле да бидат применети и во Република Македонија како времена мерка. Акцент беше даден и на бесправно изградети објекти, нивната инвентаризација и начинот на справување со овие градби. Беа потенцирани и надлежностите кои ги има локалната самоуправа во однос на сите 18 препораки од Реактивната Мисија, а кои треба да бидат спроведени во наредниот период со препораки кои треба да се преземат во насока на подобрување на заштитата и управувањето со Светските добра.

На оваа значајна средба присуствуваа претставници од Владата и Собранието на Република Македонија, стручната јавност и од граѓанските здруженија, како и директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова – Митевска и м-р Зоран Павлов, Раководител на сектор за меѓународна соработка, документација и дигитализација на културното наследство во Управата за заштита на културното наследство и Претседател на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Bookmark the permalink.

Comments are closed