Посета на министерот за култура и директорката на Управата за заштита на културното наследство на Куманово и најава за реставрација на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ

На 16ти мај 2018 година во Куманово се одржа средба на која присуствуваше директорката на Управата,  д-р Елеонора Петрова – Митевска, Министерот за култура, м-р Роберт Алаѓозовски и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, каде што беше најавен почетокот на зафатите за реставрација на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ.

Директорката на Управата за заштита на културно наследство, Елеонора Петрова-Митевска, информираше дека управата се грижи за Спомен – костурницата, која е еден од спомениците на културата и додаде дека некои објекти од Куманово кои сега се споменици, имаат тенденција да прераснат во културно наследство, посочувајќи го споменикот „Жена Борец“. Таа најави дека во тек е процедура на прогласување на Занаетчискиот дом, да биде прогласен за значајно културно наследство. „Управата оди во насока сите споменици на културата на територија на градот да бидат ревалоризирани во културно наслерство“, рече директорката Петрова.

Министерот за култура истакна дека НОБ е нерскинлив и важен дел од нашиот идентитет и државноста и дека борците со своите дела не задолжуваат и заслужуваат максимална почит која ќе биде на дело докажана со обновата на овој комплекс. Градоначалникот на Општина Куманово ја поздрави иницијативата и нагласи дека сепак споменикот е под ингеренција на државата и општината како локална власт ќе биде вклучена во проектот со цел враќање на поранешниот сјај на овој објект.

Спомен – костурницата е комплекс составен од обелиск и костурници, во кои се чуваат посмртните останки на загинатите борци во НОБ од градот Куманово и Кумановско.

Bookmark the permalink.

Comments are closed