Убавина и традиција – византиската уметност на двата брега од Јадранското Море: Кјоџа и Охрид

Кјоџа, Италија 29 април – 1 мај 2009 год.

Во организација на Асоцијацијата за култура Дисењо од Падова и во соработка со регионот Венето и општината Кјоџа од 29 април до 1 мај 2009 год. во аудиториумот Сан Николо во Кјоџа, Италија се одржа Меѓународниот симпозиум „ Убавина и традиција – византиската уметност на двата брега од Јадранското Море: Кјоџа и Охрид “.

Овој симпозиум кој се одржува веќе втора година (минатата година се одржа во Падова на тема „За почетоците на фреско-сликарството / јадранско-балкански корени на модерното сликарство“) е во рамките на магистерските студии по архитектура, сакрална уметност и литургија кои се изучуваат на Понтификалниот универзитет „Регина Апостолорум“ и Европскиот универзитет во Рим.

Во работниот дел на Симпозиумот, со осврт на повеќе аспекти од византиската уметност, беа направени паралели и анализи на заемните, пред сe, архитектонски, иконографски и стилски влијанија од двата брега на Јадранското Море. Покрај бројните италијански византолози, историчари и теолози, со свои излагања на Симпозиумот се претставија и г. Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство кој говореше на тема „Охрид и врските со јадранскиот културен круг од праисториските времиња до крајот на првиот милениум пред Христовата ера“, проф. д-р Елизабета Димитрова со презентацијата „Јадранско-балканско koine : Ars Viva во Хераклеја Линкестис“ и проф. д-р Сашо Коруновски со излагањето „Охрид: светилник на уметничка светлина на почетокот на еден нов формален јазик во архитектурата“. Како преставник на Управата за заштита на културното наследство присуствуваше и м-р Кристина Бицева, советник за уметничко и историско наследство.

Престојот во Италија беше искористен и за работна посета на Равена, како и на Маљано де Марсо, Алатри и Арпино во регионот Аквила во централна Италија, каде што беа остварени средби со претставници од локалните власти.

Bookmark the permalink.

Comments are closed