ПЛАОШНИК ВОЗОБНОВУВАЊЕ НА СВЕТИКЛИМЕНТОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ОХРИД
Во времето од 1999 до 2002 година беше реализиран проектот ПЛАОШНИК I (Возобновување на Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид), додека во времето од 2007 до 2009 година ќе биде реализиран проектот ПЛАОШНИК II (Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид). Ова подразбира заокружување на една монументална национална културно-просветителска и историска содржина и исклучителен културно-историски простор кои заедно се од капитално значење за македонскиот народ и за целиот словенски род.
Проектот ПЛАОШНИК II ќе се одвива со следната динамика: од март до септември 2007 година ќе се изведуваат систематски археолошки истражувања на целиот преостанат споменички комплекс Плаошник со цел да се добие јасна слика за културните вредности на овој простор. Во зависност од резултатите на овие истражувања, ќе се одлучи на кои делови околу Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон, односно на кои делови од Светиклиментовиот манастирски комплекс ќе се изврши возобновувањето. Во август и септември истата година ќе се подготви проектната програма, а во октомври ќе биде објавен конкурс за идејно решение. До март 2008 година ќе се подготвува главниот проект и ќе се вршат подготовки за реализација на последната фаза, а од средината на 2008 година до крајот на 2009 година ќе се изведе возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет.
Овој потфат има специфична културно-историска мисија: да изведе хронолошка симбиоза на Светиклиментовиот дух и време со современието на XXI век и да го оживее реалитетот на Светиклиментовата дејност: спојување на црковното и световното живеење и работење на просторот од Универзитетот. Во возобновените објекти ќе бидат сместени културни и научни центри, Светиклиментова книжевена академија со богата библиотека, галерија на икони, теолошки центар и др. Целокупниот изглед ќе мора да биде во една кохезиона архитектонска складност со цитаделата - Самуиловата тврдина на север и комплексот Св. Јован Канео на југ.
За поддршка на реализацијата формиран е Одбор за возобновување на Светиклиментовиот универзитет во состав: проф. д-р Ѓорѓи Мартиновски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", претседател; академик Цветан Грозданов, претседател на МАНУ, член; академик Петар Христо Илиевски, МАНУ, член; академик Крум Томоски, МАНУ, член; академик Георги Старделов, МАНУ, член; митрополит Тимотеј, Македонска православна црква, член; проф. д-р Вера Битракова-Грозданова, Филозофски факултет, член; д-р Лазар Шуманов, ИКОМОС, член; Елизабета Канчевска-Милевска, државен секретар за култура, Министерство за култура, член; Паско Кузман, Управа за заштита на културното наследство при Министерството за култура, член и координатор на Проектот.
Надлежна институција преку која се реализира проектот е НУ Завод и Музеј - Охрид.
Проектот целосно се финансира од Владата на РМ. За археолош-ките истражувања и за другите активности во 2007 година се обезбедени 1.000.000 евра.
Во моментов на Плаошник се одвива систематско археолошко истражување во кое учествуваат вкупно 318 лица (стручна екипа (61) студенти, физички работници). За раководител на истражувањата е назначена проф. д-р Вера Битракова-Грозданова.
|