СКОПСКА ТВРДИНА - КАЛЕ
АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА, КОНЗЕРВАЦИЈА И РЕСТАВРАЦИЈА
НА ЈУГОЗАПАДНИТЕ БЕДЕМИ И КУЛИ
Реализацијата на проектот „Скопска тврдина - Кале" ќе трае две години. Во 2007 година ќе се изведуваат археолошки истражувања кои ќе завршат до септември истата година. Потоа ќе се подготви конзерваторски проект за интервенции на југозападните бедеми и кули, по што ќе започнат конзерваторско-реставраторските активности, кои ќе се одвиваат во текот на целата 2008 година.
Приоритетната цел на овие обемни зафати е да се дооткријат, заштитат од натамошно руинирање југозападните бедемски ѕидови на тврдината - Горниот Град, да се конзервираат и реставрираат со запазување на сите хронолошки фази и да се презентираат со нивните особености. За да се реализира тоа, потребни се археолошки истражувања кои мора да ги откријат и темелните партии од бедемските ѕидови заради соодветни интервенции во конзерваторско-ретставраторска смисла.
Археолошките истражувања кои започнаа на 16 март оваа година, покрај другото, имаат цел да ја доловат вертикалната и хоризонталната стратиграфија на локалитетот, поради што работите се изведуваат во осум сектори поставени на релевантни позиции на просторот.
Досегашните истражувања констатираа праисториски хоризонти од енеолитскиот период (бакарно време), остатоци од средновековна сакрална градба и надгробен споменик со старословенско писмо, разни новооткриени позиции на тврдински ѕидови испреплетени со остатоци од архитектонски објекти од средниот век до најново време, остатоци од средновековна куќа, многуброен движен археолошки материјал и др.
Сите потребни финансиски средства за реализацијата на овој проект (од кои 500.000 евра за археолошките истражувања) се обезбедени од Владата на РМ.
Координатор на Проектот е г. Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, а за раководител на археолошките истражувања е назначен проф. д-р Драги Митревски од Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет - Скопје. Надлежна институција преку која се реализира Проектот е Музеј на град Скопје. На теренот во овој момент работаат 283 стручни лица, студенти и физички работници. |