ФОНДАЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО
ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Културното наследство е една од фундаменталните основи на државата. Степенот на цивилизираноста на еден народ, на една држава, се мери според грижата на тој народ, на таа држава - кон културното наследство. Поради тоа, донесени се повеќе меѓународни конвенции за заштита на културното наследство како придобивка за развојот на светот.
Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура, како највисока државна институција која го застапува културното наследство во нашата земја, заедно со другите стручни институции, грижејќи се за оваа исклучително вредносна категорија, поттикна формирање на Фондација за заштита на културното наследство во Република Македонија. Оправданоста за основање на Фондацијата се заснова врз актуелните состојби во кои се наоѓа културното наследство во нашата земја, пред с#, како начин за надополнување на недоволните финансиски средства за ефикасно спроведување на одредбите од Законот за заштита на културното наследство („Сл. весник на РМ”, бр. 20/2004). Фондацијата би била во рамките на Управата, но би имала свое независно управувачко тело кое ќе функционира соодветно во полза на посебните и специфични околности кои ќе го третираат културното наследство на земјата. Основачкиот фонд би бил од државата, а понатаму Фондацијата би функционирала со помош на донации. Секоја интервенција од вложените средства на донаторите ќе биде транспарентна и афирмирачка, како за соодветната акција така и за донаторот.
Ваквата можност за формирање на фондови е предвидена и во Препораката на УНЕСКО за заштита на културното наследство потврдена на 21.11.1972 година, каде децидно стои дека државите-членки можат да формираат еден или повеќе фондови како легални јавни институции кои можат да примаат подароци, донации и прилози од поединци и установи.
Сметаме дека оваа акција е насушна потреба во полза на нашето културно наследство во полза на исклучителни специфични ситуации во какви често се наоѓаат културно - историските вредности во нашата земја . Оваа заложба е во насока на побрзи интервенции кога ни се загрозени сакралните и профаните комплекси и објекти , археолошките локалитети и движните артефакти . |