Експертски состанок за Документација и инвентаризација
на
нематеријалното културно наследство во Југоисточна Европа
( Сафранболу , Турција , 22-27.05.2008)
Во организација на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција и на Турската национална комисија на УНЕСКО , од 22 до 27 мај 2008 година , во Сафранболу , Турција , се одржа експертска средба посветена под наслов Документацијата и инвентаризацијата на нематеријалното културно наследство во рамките на Програмата за живи човечки богатства во Југоисточна Европа.
Средбата имаше цел да овозможи размена на искуствата и да го поттикне и унапреди процесот на зачувување на нематеријалното културно наследство во земјите на Југоисточна Европа.
Работниот дел на средбата се одвиваше во четири тематски сесии на кои се елаборираа следните содржини:
актуелните достигнувања и идната стратегија што се однесува на зачувување , менаџирање , селекција и инвентаризација на нематеријалното културно наследство во земјите на Југоисточна Европа ;
улогата и вклученоста на истражувачките центри и / или институциите во востановувањето на национален инвентар на нематеријалното културно наследство;
развивање на посебна програма за живото човечко богатство;
развивање на јавната свест за зачувувањето на нематеријалното културно наследство преку формалното и неформалното образование.
На експертската средба зедоа учество претставници од Албанија, Бугарија , Босна и Херцеговина , Грција , Кипар , Романија , Македонија , Молдавија , Словенија , Србија , Турција и Хрватска . Претставник од Македонија на средбата беше Валентино Димитровски , раководител на Одделението за движно културно наследство при Управата за заштита на културното наследство.
|