ЗАКОНСКИ ПОСТАПКИ
ПРИВРЕМЕНА ЗАШТИТА
Во текот на декември 2006 година е завршена законската процедура за донесување решение за привремена заштита на културното добро - Мерата во с. Баница, Струмичко.
Се работи за прв акт од овој вид, кој според Законот за заштита на културното наследство (член 39) го донесе Управата за заштита на културното наследство, врз основа на елаборат и предлог за ставање под привремена заштита, изготвени од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Струмица. Според резултатите од досегашните истражувања на стручните служби од Заводот во Струмица, досега се откриени четири, односно пет простории од доцноантичка бања, при што особено внимание предизвикува крстестата основа на самата бања, како и зачуваните делови од хипокаустичниот систем. Исто така, постојат основани претпоставки дека бањата можеби била дел од комплекс на Vila Rustica . Археолошките истражувања кои треба да се заокружат во рок од две години од стапувањето на решението во сила, ќе треба да ги утврдат сите неопходни елементи за утврдување на својство на културно наследство од одредена категорија на значење.
|