ТРКАЛЕЗНА МАСА „ЗАШТИТА НА КУЛТУРНО-ИСТОРИСКОТО НАСЛЕДСТВО ВО РЕГИОНОТ", 02.04.2007 год. САРАЕВО-БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
На 02.04.2007 год. во Сараево, БиХ, се одржа Тркалезна маса на тема „Заштита на културно-историското наследство во регионот". Организатор на средбата беше Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина председавач на Јадранско-јонската иницијатива за 2007 година во соработка со Министерството за цивилни работи на БиХ. На средбата присуствуваа претставници од Грција, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Иако не е членка на Иницијативата, Македонија имаше свој претставник (м-р Зоран Павлов), кој на покана од Комисијата за зачувување на културното наследство на БиХ на состанокот активно учествуваше во работните сесии на средбата. Главните прашања за кои се дискутираше беа културно-историското наследство меѓу традицијата и новите потреби, стандардите на УНЕСКО во заштита на културното наследство и реалноста во земјите во регионот, како и можностите за стандардизација на критериумите во полето на заштитата на културното наследство.
Сите присутни, анализирајќи ја состојбата во својата земја, ја истакнаа потребата од поголема финансиска поддршка за подобрување на состојбата на културното наследство. Особено се потенцира недостатокот од стручен кадар за изработка на менаџмент-план кој е сложен сам по себе, но и скап процес. Затоа, како предлог се постави прашањето за можноста од регионална соработка за негова изработка како предуслов за успешен третман на културното наследство. Од дискусиите произлезе документ кој се очекува да биде верификуван од сите земји-членки на Јадранско-јонската иницијатива. |