АКТИВНОСТИ НА СЕКТОРОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА И ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР
Инспекциската служба при Управата за заштита на културното наследство направи увид по добиена писмена информација за недозволено копање на повеќе локации во атарот на с. Горно Село, и тоа на археолошките локалитети: „Тумба”, „Кота Чешма”, „Голем Камен” и „Мал Сурун”, при што констатираше недозволени копања со тешка механизација и нарушувања на интегритетот на порано истражените гробници од типот македонски од хеленистички период. На локалитетот „Тумба” направени се длабоки ископи на околниот терен, со што делумно е оштетена постоечката гробница. На локалитетот „Кота Чешма” направен е ископ во правец на протегање на една карпа, каде што сторителите барале влез на гробница, додека на локалитетот „Голем Камен” на околу 400 м југоисточно од „Кота Чешма”, каде постои веќе истражена гробница, направен е ископ во форма на ров во правец север-југ, од западна страна на гробницата. При увидот не се евидентирани културни слоеви и движни наоди. На локалитетот „Мал Сурун” каде веќе се истражени неколку гробници, констатиран е ископ со кој е откриена досега неотворена гробница.
За овие недозволени дејствија, Управата во соработка со Министерството за внатрешни работи и СВР Прилеп, презедоа потребни активности за откривање на сторителите и спречување на натамошното уништување на нашето културно наследство.

Курбиново
Инспекциската служба при Управата за заштита на културното наследство, по добиена писмена информација за недозволено копање направи увид во црквата Св. Ѓорѓија во село Курбиново, Ресен. Констатирано е дека е извршено диво копање пред западниот влез во црквата, при што се оштетени покривните камени плочи, дел од прагот и самиот влез на црквата од каде се откорнати подните мермерни плочи.
Управата за заштита на културното наследство во соработка со МВР и ОВР Ресен ќе преземат оперативни мерки за утврдување и пронаоѓање на сторителите на ова кривично дело.
Градиште-Неготино
КОЧИЈА
Во текот на систематските археолошки истражувања на локалитетот „Градиште”, Неготино, при сондирање на северното подградие откриен е ексклузивен наод. Станува збор за погребна кола-четириколка и остеолошки остатоци од два коња. Инспекциската служба направи увид и според првичните сознанија констатира дека станува збор за погребна ритуална кола, која хронолошки е определена во II век од н.е. |