РЕАЛИЗИРАНА Е ВТОРАТА ФАЗА ОД ПРОВЕРКАТА И ВЕРИФИКАЦИЈАТА
НА ГЕОГРАФСКИТЕ НАЗИВИ (ТОПОНИМИ)
Во крајот на јануари 2008 година се реализира втората фаза од проверката и верификацијата на географските називи (топоними) во рамките на проектот Изработка на основна државна карта за ГИС на Република Македонија . За оваа активност Управата за заштита на културното наследство формираше комисија во која беа вклучени специјалисти од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”.
Во оваа фаза предмет на проверка беа 8516 топоними од 56 топографски карти (1 : 25000). Корекциите ги опфаќаат грешките направе-ни при транскрипција на топонимите од српскохрватски јазик, потоа грешките направени при транслитерација на топонимите од латинично на кирилично писмо, како и правописните грешки.
Треба да се истакне дека во рамките на овој проект за првпат топономастичката содржина во топографските карти (1 : 25000) е со кирилични букви, а се исфрлени и досегашните околни јазични влијанија.
Заштитата, негувањето и правилната употреба на топонимите, како вид духовно културно наследство е регулирано со Законот за заштита на културното наследство. |