КОМУНИКАЦИИ (МЕНАЏИРАЊЕ) НА НАСЛЕДСТВОТО – РЕГИОНАЛНИ ТРЕНИНГ-КУРСЕВИ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА УНЕСКО-БРЕСЦЕ, СЕКТОР ЗА КУЛТУРА ВО ВЕНЕЦИЈА
На 24 и 25 септември 2007 година во Реставраторскиот центар Лудбрег, Хрватска, се одржа регионален тренинг-курс Комуникации (менаџирање) на културното наследство , во организација на УНЕСКО-БРЕСЦЕ, Секторот за култура во Венеција, а поддржан од Министерството за култура на Хрватска. Целта на курсот, наменет за министерствата за култура од Југоисточна Европа, беше унапредување на капацитетот на институциите на полето на менаџирање со културата, со особена нагласка на комуникациите (менаџирање) на културното наследство и сродните активности. Тренинг-активностите се реализираа во периодот октомври 2007 - јануари 2008, а беа координирани од универзитетот ИУЛМ во Милано, преку платформа од 6 модули на учење и интерактивни сесии достапни преку интернет.
Во работилницата беа вклучени учесници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Романија и Србија.
Со знаењето стекнато преку тренинг-активностите секој од учесниците беше должен да изготви предлог-проект за унапредување на комуникациите и менаџирање на културното наследство во својата земја.
Учесник во работилницата од Македонија беше Катица Гароска-Ацевска, раководител на Одделението за меѓународна соработка во Управата за заштита на културното наследство, која изготви предлог-проект: Менаџирање и комуникации на културното наследство на општина Кратово, Македонија .
Завршната работилница од тренинг-програмата се реализира на 29 февруари 2008 година во Милано, каде учесниците дискутираа за резултатите од активностите, стекнатото искуство и можното продолжување на тре-нинг-програмата.
|