Едукативен час ,,Го сакам и се грижам за моето културно наследство“ и промоција на специјално изработена наменска Боенка

На 5 октомври 2018 година,  во Куршумли ан во Скопје, се одржа едукативен час на тема ,,Го сакам и се грижам за моето културно наследство“, во организација на Управата за заштита на културното наследство, а во соработка со ООУ ,,Христијан Тодоровски Карпош“ од Скопје, во рамките на Европската година на културното наследство 2018.

Едукативниот интерактивен час, беше реализиран од страна на стручните лица од Управата, м-р Кристина Бицева и м-р Ана Алексова и наставниците м-р Мирјана Алексова и Лидија Исајловска од основното училиште ,,Христијан Тодоровски Карпош“. На часот, учениците од петто одделение, се запознаа со вредностите и историјата на Куршумли ан, по што им беше поделена специјално изготвена наменска Боенка во која ја боеа илустрацијата со ,,Куршумли ан“, а на крајот од часот следуваше прошетка и разглед на заштитеното недвижно добро.

Специјално изготвената наменска Боенка е во издание на Управата за заштита на културното наследство и истата содржи разновидни илустрации со културни добра од нашата држава (движни и недвижни, материјални и нематеријални) збогатени со истражувачки прашања и насоки.

Овој едукативен час беше организиран во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“ и истиот се реализира со поддршка од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието на Република Македонија.

Ова беше првата организирана посета во рамките на ,,Го сакам и се грижам за моето културно наследство“ во форма на воннаставна активност, а во иднина ќе се реализираат уште такви соработки со основните училишта низ нашата земја, со организирање на еднодневни посети на споменици и локалитети во Република Македонија при што преку интерактивна настава учениците од четврто и петто одделение ќе се запознаваат со вредноста и значењето на нашите културни добра.

Целите на оваа едукативна активност се запознавање од најрани години  со културните добра на Република Македонија; подигнување на свеста за значењето и вредностите на културното наследство од најрани години; развивање на свест за грижа и почитување на културното наследство; ангажирање на младите во грижата за културното наследство и запознавање на младите со работата и улогата на Управата и културните институции од областа на заштитата на културното наследство.

Bookmark the permalink.

Comments are closed