Упатство за имателите на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО

Управата за заштита на културното наследство ја информира јавноста дека согласно мерките за рехабилитација содржани во Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион и Заклучокот од Сто осумдедест и седмата седница на Владата на Република Северна Македонија (бр. 41-9086/4 од 26 септември 2023 год.), изработи ,,Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО“, достапно за слободно преземање во електронска форма на веб-страната на Управата.

Како одговор на бројните предизвици со кои се соочуваат имателите (сопствениците) на културни добра во овој исклучително значаен регион кој од 1979/1980 година се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО, стручните лица од Управата за заштита на културното наследство изработија практичен и информативен кус водич. Целта е да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот регион да ги исполнат своите права и обврски, преку обезбедување рамка за следење и имплементација на основните начела за заштита и користење на недвижното културно наследство во овој регион, пропишани со Законот за заштита на културното наследство и другите национални и меѓународни правни прописи кои ја регулираат заштитата на културните вредности.

Упатството е наменето за физичките и правните лица кои поседуваат, користат или одржуваат недвижно културно наследство, како и за оние кои имаат потреба од услуги и совети за нивната заштита и зачувување, вклучително и локалното население, архитектите, конзерваторите, инвеститорите, локалната самоуправа итн.

Главни цели на ова Упатство се:
• Да обезбеди корисни информации, ресурси и појаснувања за системот на заштита на културното наследство во Охридскиот регион;
• Да ги посочи националните и меѓународните регулативи и начела, како и стратегиските и плански документи за да им се помогне на имателите на недвижните културни добра во навигацијата низ законските обврски, односно да ги води низ потребните правни и административни постапки пред да се започне со каква било интервенција врз нив;
• Да ги посочи соодветните методи за одржување и заштита на недвижните културни добра и на тој начин да се идентификуваат приоритетите за преземање конзерваторски/реставраторски работи и интервенции.

Презентираните насоки во ова Упатство се применливи за недвижните добра прогласени за културно наследство (културно добро согласно Законот за заштита на културно наследство или се наоѓаат во границите на заштитениот регион и се во насока на зачувување на нивната автентичност и интегритет.

,,Упатството за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО“ можете да го преземете со кликнување тука .

Bookmark the permalink.

Comments are closed