Учество на 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Бусан, Република Кореја

Во периодот од 19 до 29 јули 2026 година, во Бусан, Република Кореја, се одржа 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Меѓу точките на дневниот ред беше и разгледувањето на состојбата со заштитата на Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Дел од македонската делегација на седницата беше и г-ѓа Весела Честоева, директор на Управата за заштита на културното наследство, која заедно со претставници на другите надлежни институции учествуваше во претставувањето на активностите и мерките преземени од страна на Република Северна Македонија во соработка со Република Албанија.

Со одлуката донесена на оваа сесија, Комитетот за светско наследство констатираше дека Охридскиот Регион го задржува својот статус на светско наследство и не беше впишан на Листата на светско наследство во опасност. Одлуката е израз на доверба во преземените активности и потврда на јасната одлучност на државата да продолжи, во соработка со Република Албанија, со спроведувањето на препораките на Комитетот за светско наследство, Центарот за светско наследство и Советодавните тела.

Комитетот им даде на двете држави дополнителен рок за постапување, барајќи до крајот на 2030 година да достават ажуриран извештај за состојбата со заштитата на доброто и за спроведувањето на преземените мерки, кој ќе биде разгледан од Комитетот за светско наследство на неговата 53. седница, планирана за 2031 година.

Управата за заштита на културното наследство, како дел од македонската делегација на седницата, во рамките на своите надлежности ќе продолжи да ги координира активностите поврзани со спроведувањето на Планот за управување со Охридскиот Регион и Стратегискиот план за рехабилитација, како и зајакнувањето на меѓуинституционалната координација со останатите надлежни институции. Управата останува целосно посветена на процесот на зајакната заштита на Охридскиот Регион, на меѓуинституционалната координација и на реализацијата на мерките во согласност со препораките на УНЕСКО, со цел зачувување на неговата Исклучителна универзална вредност.

Bookmark the permalink.

Comments are closed