Владата на РС Македонија на својата седница го усвои Годишниот извештај за работа на Управата за заштита на културното наследство за 2025 година, изготвен согласно Законот за заштита на културното наследство.
Извештајот дава преглед на реализираните активности во областа на заштитата, користењето и управувањето со културното наследство, капиталните проекти од национално значење, меѓународната соработка, дигитализацијата и институционалниот развој.
Во текот на 2025 година, особено внимание беше посветено на изработката на првата Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство 2026-2030 со Акцискиот План, која е во завршна фаза во владина постапка, како и на продолжувањето на капиталните проекти за довршување на музеите на Скопската тврдина Кале ( Праисторискиот музеј и Музеј на Отоманскиот Период) и Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник.
Во рамки на своите надлежности, Управата издаде 88 дозволи за археолошки истражувања и постапуваше по 108 барања за издавање заштитно-конзерваторски услови. Во областа на непосредната заштита на културното наследство издадени се 37 конзерваторски одобренија за заштита на архитектонско културно наследство во заштитени подрачја, 13 конзерваторски одобренија за заштита на недвижно културно наследство, вклучително археолошки локалитети, фрескоживопис и подни мозаици, како и 48 конзерваторски одобренија за непосредна заштита на движното културно наследство. Дополнително, издадени се 695 мислења по урбанистички планови, обработени се 2.483 барања преку системот Е-урбанизам и реализирани се 344 инспекциски надзори, додека во процесот на дигитализација беа обработени повеќе од 15.000 документациски единици.
Во областа на валоризацијата и правната заштита на културното наследство, на предлог на Управата беа донесени 5 одлуки за прогласување културно наследство од особено значење, а воедно беа изготвени и 5 решенија за прогласување значајно културно наследство и 17 решенија за регистрација на културно наследство по сила на закон.
Во областа на меѓународната соработка, Управата активно учествуваше во активностите на УНЕСКО и други меѓународни иницијативи, при што во 2025 година беа реализирани повеќе од 20 активности, со посебен акцент на заштитата на Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО и на нематеријалното културно наследство.
Остварените резултати ја потврдуваат посветеноста на Управата кон унапредување на системот за заштита на културното наследство и кон обезбедување ефикасно, транспарентно и одговорно институционално работење.
Целосниот Извештај а работа на Управата за заштита на културното наследство за 2025 година можете да го погледнете тука


