Демант во врска со соопштението на Комисијата за култура на СДСМ

Во врска со соопштението на Комисијата за култура на СДСМ, во кое со име и презиме е посочена директорка на Управата за заштита на културното наследство, како и институцијата што ја предводи, чувствуваме обврска јавно и недвосмислено да одговораме.

Жално е што една партиска Комисија за култура покажува елементарно непознавање на Законот за заштита на културното наследство и на институционалните надлежности во системот на заштита.

За Даут Пашин Амам, како заштитено недвижно културно наследство на територијата на Скопје, законската рамка јасно ги утврдува надлежностите на НУ Конзерваторскиот центар Скопје и на Управата за заштита на културното наследство. Надлежниот конзерваторски центар ја следи состојбата на заштитеното добро, врши стручни увиди и предлага мерки, додека Управата за заштита на културното наследство постапува во рамките на своите законски овластувања и по соодветна стручна и законска процедура.

Оттука, обидот целокупната состојба со Даут Пашин Амам да се претстави како резултат на наводно лично „блокирање“ е не само политички тенденциозен, туку и фактички неодржлив.

Од моментот кога директорката Весела Честоева ја презеде функцијата директор на Управата за заштита на културното наследство во 2024 година, во повеќе наврати, преку инспекциски надзор, до надлежната установа беа упатени укажувања за преземање итни мерки за заштита на објектот и изработка на конкретен предлог за мерки.

Резултатот е следен, во јули 2026 година надлежната установа, НУ Конзерваторски центар Скопје, го изработи предлогот, и истиот месец Управата донесе Решение со кое Даут Пашин Амам е прогласен за културно наследство во опасност со конкретни итни мерки на заштита.

Тоа се факти. Тоа се документи. Тоа е институционална работа.

Затоа, доколку некој тврди дека директорката Весела Честоева лично го блокирала Даут Пашин Амам, го повикуваме тоа јавно да го докаже:

со кој конкретен предмет;

со кој документ;

со која постапка;

со која одлука;

во кој рок наводно епостапено спротивно на закон.

Доколку немаат такви докази, тогаш станува збор за неодговорно и тенденциозно политичко обвинување насочено кон директорката Весела Честоева и кон Управата за заштита на културното наследство.

Културното наследство не е партиски плен.

Културното наследство не е алатка за политички памфлети.

За заштитата на културното наследство се одговара со документи, стручни наоди и факти – а не со партиски соопштенија.

Bookmark the permalink.

Comments are closed