Втора фаза од проектот ,,Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“

Во периодот од 09 до 11 мај 2022 година се реализира втората фаза (теренскиот дел од обуката) „Управување со културното наследство“ како дел од проектот ,,Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“. Проектот е финансиран од Програмата за размена на знаења (Know-how Exchange Programme – KEP) на Централноевропската иницијатива (CEI) и имплементиран од Фондацијата Сантагата за економија во културата и Центарот за конзервација и реставрација „Ла Венариа Реале“ од Торино, Италија. Партнери во проектот од македонска страна се Управата за заштита на културното наследство и ИКОМОС Македонија.

 

Проектот ,,Размена на знаења за конзервација и иновативно управување со културното наследство меѓу Италија и Северна Македонија“ е 12-месечна иницијатива која има за цел зајакнување на техничките и управувачките вештини на професионалците вклучени во заштитата на културното наследство во Република Северна Македонија и зголемување на нивните капацитети за развивање на оддржливи и ефикасни стратегии за конзервација на културното наследство.

 

Вработени во Управата за заштита на културното наследство и членови на ИКОМОС Македонија во рамките на овој проект имаат можност да учествуваат во специјализирани обуки за најсовремените пристапи во иновативното управување со културното наследство.

Учесниците беа поздравени од амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, г-дин Андреа Силвестри, кој ги истакна повеќето иницијативи финансирани од Италија за поддршка на македонското културно наследство. „Северна Македонија има богато културно наследство што треба да се заштити и валоризира, а ние сме подготвени да го споделиме нашето големо искуство во таа насока“ – заклучи амбасадорот.

 

Во своето поздравно обраќање, г-дин Аријан Асланај, директор на Управата за заштита на културното наследство, го истакна задоволството да се биде дел од ваков значаен и пред сé потребен проект за вработените во институциите за заштита на културното наследство, како и можностите за  продолжување на соработката во оваа сфера и во иднина.

Bookmark the permalink.

Comments are closed