Грижата за нашето богато културно наследство нека остане заедничка вредност и обврска како темел на нашиот идентитети континуитет

 

https://republika.mk/vesti/kultura/grizhata-za-nasheto-bogato-kulturno-nasledstvo-neka-ostane-zaednichka-vrednost-i-obvrska-kako-temel-na-nashiot-identiteti-kontinuitet/

Весела Честоева е дипломирана историчарка на уметноста со археологија, магистрантка на Институтот за национална историја, поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија во периодот од 2008 до 2011 година и веќе 20 години е дел од македонските културни политики преку менаџирање повеќе културни институции, како што е Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ од Неготино, таа е прва директорка и основачка на новиот правен субјект Археолошки музеј на Македонија, прва директорка и основачка на Локалниот вински музеј за регионот Тиквеш во Кавадарци. Исто така таа е претседателка и учесничка во повеќе комисии од областа на културата, претседателка е на Одборот за подигање споменици и спомен-обележја во Кавадарци, во чиј дел се Спомен-собата на 12-те ваташки младинци, Фонтаната на Сашко Гешовски и бистите во чест на ваташките младинци…

Во моментов е директорка на Управата за заштита на културното наследство, а за „Република“ проговори за досега реализираните проекти и плановите за следната година.

„Традиционална изработка и свирење на гајда“ пред година дена беше впишано на листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Вие ја предводевте македонската делегација на конференцијата во Парагвај. Кажете ни какво е чувството да се биде дел од важен момент во македонската култура бидејќи дури по 7 години нашата држава впиша уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО?

Цела една година, од декември 2024 до овој декември 2025 година, мошне динамично ја водиме меѓународната дејност и во годината кога Управата за заштита на културното наследство прославуваше 20 години од основањето, не можеше поубаво да ја завршиме, отколку на највисоко ниво, во УНЕСКО, да впишеме уште едно (шестото по ред) нематеријално културно добро на Репрезентативната листа. Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација составена од претставници од Управата за заштита на културното наследство и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, како и експертскиот тим на Министерството за култура и туризам на Република Турција, кои заедно со македонските гајдаџии и турските тулумџии кои ја поддржаа номинацијата, покажаа дека само тимската работа носи успех. Со впишувањето во УНЕСКО, македонската гајда, доби на својата видливост на светската сцена, иако овој инструмент од втората половина на 20 век наваму е веќе проширен на три континенти. Денес ќе најдете свирачи на македонска гајда и на американско и на европско и на австралиско тло. Ја свират дури и припадници од сосем различни култури од македонската, така што мошне силно одекна ова впишување, а што се однесува до вашето прашање, посебна беше честа во името на генерации талентирани музичари-гајдаџии јас да ја предводам делегацијата во Асунцион, Р. Парагвај и пред светската научна и културна јавност да проговорам за нашата македонска посебност и да искажам благодарност за впишувањето. Меѓувладиниот Комитет на Конвенцијата за заштита и негување на  нематеријалното културно наследство заседава секоја година кон крајот на годината, и претставува место каде над 1000 претставници од сите 185 земји членки на Конвенцијата испраќаат свои претставници во цел остварување и на билатерални средби, започнување на нови проекти, понекогаш и решавање на постоечки проблеми во сферата на заштитата.

Така што, од бројните средби во сеќавање ќе ми остане средбата со г-ѓа Одри Азуле претходната директорка на УНЕСКО со која освен честитките кои ни ги упати по повод впишувањњето, поразговаравме и за заштитата на охридскиот регион, на кој постојано му се заканува опасност од негово впишување на една друга листа, именувана како Листа на светско културно наследство во опасност.

Како прв човек на Управата за заштита на културно наследство се обративте  на 25. сесија на Генералното собрание каде ја реафирмиравте силната посветеност на Македонија кон мисијата на УНЕСКО. Кои се најголемите предизвици на ова поле со оглед на состојбата во Охридскиот регион и неодамнешниот случај со рушењето на споменик на култура во Струга?

Ниту една средба не е случајна и погоре споменав дека интензивно работиме во делот на културната дипломатија внимавајќи на одржување коректни односи со пријателските земји и земјите во соседството, особено кога со една од нив, со Република Албанија го имаме впишано како заедничко добро Охридскиот регион. Во моето обраќање на 25. сесија на Генералното собрание, што се одржа во Париз, Франција ја реафирмирав силната посветеност на Македонија кон мисијата на УНЕСКО. Во излагањето го нагласив суштинското значење на Конвенцијата (овојпат онаа за светско наследство од 1972 година) како темелна меѓународна рамка за заштита на културните и природните вредности, секако ставајќи посебен акцент кон исклучителната и универзална вредност на Охридскиот регион.Најголемите предизвици во заштитата на културното наследство , особено во Охридскиот регион произлегуваат од сложениот спој на долгогодишни системски слабости , притисоци од урбанизацијата и недоволното разбирање на значењето на културното наследство како јавно добро. Охридскиот регион е исклучително чувствителен простор со универзална вредност , каде што секоја интервенција без разлика дали е мала или голема има потенцијал да остави трајни последици. Токму затоа предизвикот не е само во почитувањето на законите, туку и во воспоставувањето култура на одговорност, координација и навремена комуникација меѓу сите институции , локалната самоуправа и граѓаните. Неодамнешниот случај со рушењето на споменикот на култура во Струга е сериозен аларм дека мора да се дејствува одлучно. Тој случај јасно покажува дека заштитата на културното наследство не смее да се сфаќа формално или селективно. Законот мора да важи за сите а институциите имаат обврска да реагираат навреме, транспарентно и професионално. Од аспект на Управа за заштита на културно наследство, наш фокус е зајакнување на институционалниот надзор , подобрување на процедурите, како и усогласување на националните политики со меѓународните стандарди и препораките на УНЕСКО. Исто така важно е да се нагласи дека заштитата на Охридскиот регион не е задача на една институција, таа е заедничка одговорност.Нашата посветеност кон мисијата на УНЕСКО не е декларативна . Таа е значи континуирана работа на терен , носење тешки одлуки кога е потребно и јасна порака дека културното наследство не е пречка за развој , туку негова основа.

Плаошник е еден од најзначајните духовни и археолошки центри во нашата земја. Најавивте целосно завршување согласно Основниот проект. Како тече реализацијата?

Управата за заштита на културно наследство е транспарентна институција во која секој е добредојден особено кога станнува збор за обид да се откочат процесите како што тоа го направивме и во случајот со Плаошник. Во повеќе наврати остварив средби со претставници  на локалната самоуправа и на економските оператори, изведувачи на градежните  работите,  разговаравме на тема за динамиката на активностите поврзани со реализацијата на договорот и ставање во функција на проектот за Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник  поточно за довршување на работите согласно договорот и взаемните обврски кои произлегуваат од него.

Поконкретно, таму станува збор за завршување на Богословскиот Факултет во делот на фасадата, Кровната конструкцијана на ламела 2, дел од ѕидарските работи, секако тука е и ентериерот, столаријата, дел бетонски работи и сл. за кои во ребалансот на Буџетот Владата преку Управата како инвеститор издвои соодветна сума.

По извршениот увид на работите од страна на Управата за заштита на културното наследство која во склоп на Владата на Република Македонија е инвеститор на Возобновувањето на Светиклиментовиот Универзитет на Плаошник, ја информирав јавноста дека изминатите години многу малку е вложено во реализацијата на овој капитален проект, при што е дојдено до целосен застој на градежните работи потребни за реализација на овој капитален проект, а исто така е дојдено и до оштетување на  објектите кои оставаат лоша слика за туризмот на нашиот бисер Охрид кој претставува лулка на Христијанството.

Направив  увид во целокупната документација и во моментот работиме на извештајот кој деновиве ќе го презентираме пред Владата за да можеме и оперативно да влеземе во овој процес бидејќи со Буџетот за 2026 Владата на Република Македонија  ни има одобрено средства за реализација.

Летово беше започнат дел од планот за ревитализација на Скопското кале, кое е значаен културно-историски дел од градот. Министерот за култура и туризам најави дополнителни 8 милиони денари за обнова на Скопското кале. Како ќе изгледа овој дел од Скопје?

По долг временски застој, Управа за заштита на културното наследство го потпиша договорот за завршување на двата музеи на Праисторискиот и Османлискиот период на Скопското Кале – еден од најзначајните симболи на културното наследство на Македонија. Со овој договор предвидено е целосна санација и адаптација на овие два објекта со што овој вреден простор ќе биде збогатен со дополнителни содржини кои ќе претставуваат сведоштво за континуитетот на животот во Скопје низ милениумите. Средствата за овој капитален проект се обезбедени од страна на Владата Република Македонија со ребалансот на Буџетот за 2025 година, а инвеститор е Управата за заштита на културно наследство орган во состав на Министерството за култура и туризам.

Интервенциите се насочени во делот на санирање на оштетените делови, сервисирање на опрема во делот на машинството и електриката и спречување на понатамошна деградација на објектите , со цел нивна долгорочна заштита и функционалност,  со што конечно, после 7 години одлагање ќе се стават во функција музеите со што движното културно наследство пронајдено на Скопкото кале конечно ќе стане достапно за јавноста. Патем први напомош ни излегоа Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), со поддршка на општините Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров кои на наше барање, со стотина работници започнаа со расчистување на вегетацијата на Скопската тврдина Кале. Ова го сметам дека е проект од витално значење за развој на туризмот, промоција и популаризација на Скопската тврдина Кале, особено како подготовка и придонес кон успешна реализација на проектот за Скопје град на европската култура во 2028 година. Двата музеи се очекува да бидат пуштени во употреба најкасно до март  2026 година, бидејќи за Калето мора да признаам, постои огромен интерес од страна на научните работници, медиумите, како и од се’ побројните домашни и странски посетители на главниот град.

Јубилејот 10. години од впишувањетo на „Гласоечкото пеење“ на листата на УНЕСКО беше одбележан во Хрватска заедно со Македонскиот КИЦ во Загреб. Како помина промоцијата на македонското нематеријално културно наследството во Хрватска?

Во својство на директор на Управата за заштита на културното наследство осварив и официјална посета на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб – институција токму по овој повод. На покана на директорката на центарот г- ѓа Мими Ѓоргоска Илевска и во соработка најголемиот фестивал на фолклорна култура во Југоисточна Европа Меѓународната смотра на фолклор, го одбележавме 10. годишниот јубилеј од впишувањето на долнополошкото ,,Гласоечко” пеење на листата на УНЕСКО за Ургентна заштита. Во рамките на официјалната програма на најголемиот хрватски фестивал за традиционална музика и танц, сo огромна поддршка на докажани врвни професионалци и научници од Хрватска и Македонија а пред се’ особено драги пријатели во македонскиот КИЦ Загреб, учествувавме на научна трибина посветена на ,,Нематеријалната култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО”. На трибината земаа учество хрватски и македонски експерти за заштита на културното наследство и  главна цел на трибината беше промоција на македонското нематеријално културно наследството и продлабочување на хрватско-македонските релации на полето на афирмација на хрватските и македонските нематеријални добра запишани на листите на УНЕСКО. Истотака, на двете главни фестивалски сцени во Загреб, на Плоштадот „Бан Јелачиќ“ и на сцената на Горен град на Грич (Градец) пред многубројната загребска публика беа претставени двете нематеријални културни добра од листите на УНЕСКО – Гласоечкото пеење и македонската гајда, преку настапот на „Трио Гавровски“ заедно со Дарко Коцев, мултиталенриран инструменталист кој живее и работи во Германија.

Бројната хрватска публика, меѓу кои врвни проучувачи на нематеријалното културно наследство, беше воодушевена од спектакуларниот настап на „Трио Гавровски“ и од фактот дека семејството Гавровски со децении ја негува оваа единствена пејачка традиција, пренесувајќи ја усно, исклучиво во рамките на едно семејство.

Верувам дека Управата во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Загреб  достојно го одбележа овој јубилеј докажувајќи  дека нематеријалното културно наследство е дел од колективната национална меморија и дека неговата заштита и промоција треба да е еден од императивите на секоја држава, имајќи предвид дека културното наследство го сметаме за темелна државна вредност која треба да се пренесе на идните генерации.

Промовиравте прв централизиран софтвер во кој е поместено целото македонско културно наследство во една база. Како тече дигитализација на заштитните евиденции и на Националниот регистар за културно наследство?

Овој софтвер е веб базиран, до него се пристапува преку секој интернет пребарувач (Google Chrome, Mozilla Firefox, Opera Web Browser и слично) што значи дека нема потреба од претходна инсталација и податоците може да се внесуваат или пребаруваат од секој комјутер или паметен телефон со пристап до интернет. За разлика од постоечките софвтерски решенија за водење на евиденциите кои ги користат надлежните институции за заштита на културното наследство со ова софтверско решение преку унифицирана централна база се овозможува унифицирање на начинот на кој се водат евиденциите, како и вмрежување на сите институции во единствен систем за водење на заштитните евиденции.

Во 2025 година се внесуваа стандардизирани податоци и шифрарници како на пример : општини, населени места, катастарски податоци , културни предели , матерјали и сл од странна на вработените , се обработуваат и дигитализираат аналогните податоци, решенија, елаборати извештаи и останата пропратна документација и постепено се внесуваат во новото софтверско решение.

Ова софтверско решение нуди целосна дигитализација на процесот на водење на основната евиденција на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство, водењето на влезните, инвентарните, излезните книги, водењето на теренските инвентари при археолошките истражувања, како и на Националниот регистар на културното наследство кои се изработени согласно постоечките законски и подзаконски акти.

Постепено и со посветена работа, овој процес ќе доведе до целосна дигитализација на заштитните евиденции и Националниот регистар на културното наследство. Првично пристапот до софтверот за водење на Заштитните евиденции и Националниот регистар на културното наследство ќе биде ограничен исклучиво на институциите надлежни за заштита на културното наследство, со оглед на тоа што е потребно да се внесат огромен број на податоци, а постепено податоците ќе бидат јавно достапни преку Националниот информативниот систем за културното наследство, кој за жал не беше во функција од 2017 година, а во моментов се работи на негово повторно активирање.

Овој проект ја потврдува посветеноста на Владата, Министерството за култура и туризам и Управата за заштита на културно наследство за модернизација и создавање ефикасен систем за управување со културните добра.

Какви се Вашите визии и следни проекти за 2026?

Управата за заштита на културното наследство, потпиша неколку меморандуми за разбирање и соработка со одредени институции од државата, но последниве три месеци работиме и на билатерален договор со DARIAH-EU конзорциумот, кој сеуште не е потпишан, но на неколкуте средби со бордот на директори предводени од д-р Агиати Бенарду од Р. Грција и д-р Сузан Шрајбман од кралството Холандија ги допрецизираме деталите на истиот. Оваа меѓународна соработка треба да ги отвори вратите на европските фондови, да не вмрежи со оператори од Европа во доменот на дигиталната документација и воопшто дигитализација на процесите на заштита на културното наследство.

Управата за заштита на културното наследство, стана активна членка и на Хашката конвенција за заштита на културното наследство во случај на вооружен судир. Како потписничка на Конвенцијата и нејзините два протоколи и највисока национална институција одговорна за заштита на културното наследство целосно сме посветени на спроведување на обврските утврдени со Конвенцијата, бидејќи културното наследство во современи услови се соочува со сериозни ризици и станува сè повеќе цел на вооружени судири и модерно војување. Оттука би сакала да нагласам дека во новата Стратегија која можам да кажам е готова, се залагаме државата да обезбеди статус на засилена заштита (enhanced protection) за најзначајните споменици и културни објекти, со цел нивна заштита и зачувување за идните генерации, преку зајакнување на механизмите кои обезбедуваат заштита на културното наследство.

Бројни се плановите на Управата, не очекува работа и на новоподнесеното номинациско досие за “Етноастрономската карта на македонскиот народ” на кое интензивно работиме  и на кое сме многу горди . Тоа е номинација за впишување на листата на УНЕСКО, што претставува голема новина да едно добро поврзано со традиционалните знаења за вселената и небесните тела биде номинирано за културно наследство на човештвото.

Дозволете ми на крајот да упатам честитка по повод престојните новогодишни празници со желби за здравје, мир благосостојба и лична среќа.

Новата година нека донесе надеж, заедништво и нови успеси, а грижата за нашето богато културно наследство нека остане заедничка вредност и обврска како темел на нашиот идентитети континуитет.

Bookmark the permalink.

Comments are closed