Од 18 до 24 јуни 2018 год., во Берлин, Германија, во организација на Европа Ностра, Пруската фондација за културно наследство и Германскиот комитет за културно наследство, се одржа првиот Европски самит за културно наследство под мотото ,,Споделено наследство – споделени вредности“, како еден од клучните настани во рамките на Европската година на културното наследство 2018.
Овој значаен меѓународен собир обедини бројни меѓународни експерти, професионалци и претставници од владиниот сектор и граѓански организации од областа на заштитата и управувањето со културното наследство кои учествуваа на мноштвото настани (работилници, форуми, стручни дебати, конференции итн.), со цел размена на искуства и знаења за подобро разбирање на современите состојби и предизвиците со кои се соочува културното наследство. Самитот ги обврза учесниците за споделена одговорност кон културното наследство низ цела Европа, како и за нивен активен придонес во усвојувањето и имплементирањето на амбициозната и иновативна Европска агенда за културно наследство, која е интегрален дел од новата Европска агенда за култура, како продолжување на придобивките од Европската година на културно наследство 2018 и во иднина.
Делегацијата од Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката д-р Елеонора Петрова-Митевска, со стручните лица м-р Кристина Бицева и м-р Ана Алексова, учествуваше на дел од програмските активности во рамките на овој самит и оствари повеќе средби со меѓународни експерти за културно наследство и претставници од земјите-членки на Европската Унија и УНЕСКО, меѓу кои и со г-ѓа Бенедикт Селфслах, претседател на ИКОМОС – Белгија и претседавач на Одборот на Европската ознака за културно наследство (European Heritage Label), со цел унапредување на соработката на Република Македонија во сферата на заштитата на културното наследство на меѓународно ниво.
Учеството на овој самит беше во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018 како дел од меѓународните активности во рамките на оваа иницијатива, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.