На 28 јуни 2019 год., во резиденцијата на Амбасадорот на Република Франција во Скопје, Н.Е. г. Кристијан Тимоние, се одржа донаторски коктел по повод реиздавањето на книгата „Ѕвонарот на Богородичината црква во Париз“ од Виктор Иго на иницијатива на дневниот весник „Нова Македонија“. Зад оваа благородна иницијатива стои идејата средствата од продажбата на ова издание да бидат наменети за обнова на опожарената црква Нотр Дам во Париз, како уште еден прилог кон големата донаторска акција која е во тек ширум светот.
Изразувајќи ја својата благодарност, Амбасадорот Тимоние во својот говор истакна дека е трогнат што нашиот народ толку многу сочувствува со трагедијата што се случи и изрази голема благодарност што нашата држава несебично се вклучила во донирањето со цел да помогне. Тој наведе дека Богородичната црква не е само бесценет историски споменик на Франција, туку таа е и историско наследство на целиот свет.
На предлог на амбасадорот дел од собраните средства ќе се наменат и за конзервација на црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново и во таа насока, директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова-Митевска обраќајќи се на настанот истакна: „Имаме една акција која изгледа некако неверојатно, да ги споиме најзначајните културни наследства на двете земји – Богородичната црква во Париз и црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново, што се симболи на културното наследство на двете земји. Преку нивното поврзување на овој начин се поврзуваме и ние како земји и како народи. Се надевам дека оваа иницијатива навистина ќе биде прифатена од граѓаните и ќе вроди со плод, пред сè, затоа што познатата фреска на Благовестието и целиот фрескоживопис во црквата во Курбиново треба да го зачуваме и за идните генерации“.