Од 22 до 26 октомври 2018 година, во рамките на Годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, а по повод 27 октомври, Светскиот ден на аудиовизуелно наследство на УНЕСКО, Управата за заштита на културното наследство организираше едукативни проекции на дигитално реставрираниот филмски опус на браќата Манаки, кој е прогласено културно наследство од исклучително значење.
Оваа активност е поддржана од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а се реализираше во соработка со Н.У. Кинотека на Македонија, со цел подигање на свеста за значењето на културното наследство кај младите и зајакнување на знаењето на средношколската популација за значењето и вредностите на аудиовизуелното наследство.
Во рамките на оваа активност беа вклучени околу петстотини средношколци од Скопје и Битола. Проекциите за средношколците од Скопје беа одржани во Кинотеката на Македонија и тоа за учениците од гимназиите Орце Николов, Никола Карев и Георги Димитров. Филмските проекции во Битола беа реализирани во соработка со НУ Центар за култура – Битола и беа опфатени сите средни училишта од градот.
Фимските проекции беа проследени и со соодветни стручни презентации за значењето на аудиовизуелното наследство како и за начинот на чување, заштита и реставрација на филмскиот опус на браќата Манаки од страна на д-р Атанас Чупоски и м-р Игор Старделов од Кинотеката на Македонија. Пред секоја проекција краток вовед за одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018 која се рализира под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштитата на културното наследство“, даде м-р Мими Ѓоргоска Илиевска од Управата за заштита на културното наследство.