Од 11 до 13 октомври 2018 год., во УНЕСКО во Париз, Франција се одржа меѓународната конференција „Верско наследство – европска оставнина за иднината“ во организација на Future for Religious Heritage, а на која присуствуваа директорката на Управата за заштита на културното наследство д-р Елеонора Петрова – Митевска и м-р Кристина Бицева, советник во Управата.
На конференцијата која ја отвори Еврокомесарот за образование, култура, млади и спорт, Тибор Наврачич се презентираа и дискутираа повеќе аспекти на заштитата и одржливоста на верското културно наследство. Своите искуства ги споделија претставници од невладиниот сектор, приватни сопственици на верски добра, корисници, финансиери, но и експерти од академската заедница на неколку клучни теми: кому му припаѓа наследството; Европа меѓу верското и секуларното; придонесот на верското наследство од културен, социјален и економски аспект; верското наследство и туризмот; културното наследство и зајакнување на заедниците; иновативни начини на управување и маркетинг за верското наследство, како и верското наследство во дигиталната ера. Ова беше одлична можност за стекнување информации и искуства кои би можеле да ја унапредат заштитата на верското наследство во Република Македонија. Делегацијата на Управата за заштита на културното наследство оствари и дополнителни средби со дел од презентерите на конференцијата во насока на воспоставување директна соработка во иднина, а беше остварена и средба со заменик-градоначалничката на Париз задолжена за културно наследство, г-ѓа Карен Тајеб.
Во рамките на оваа конференција се одржа и завршната свечена церемонија на Иницијативата „Факел на културното наследство“, која во текот на Европската година на културното наследство 2018 год. беше една од водечките активности на европско ниво, а чија претпоследната станица беше во Скопје, на 28 септември 2018 год.