Во текот на вчерашниот ден, директорката на Управата за заштита на културното наследство г-ѓа Весела Честоева и стручни лица од Управата, одржаа работен состанок со експерти од специјализирана единица на италијанската полиција Карабинери за културно наследство со цел да се изврши увид во динамиката на твининг проектот „Зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина“. Твининг проектите се инструмент на Европската комисија за зајакнување на институционалните капацитети на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во Европската унија.
Цели на овој проект се: подобрување на капацитетите на надлежните институции за заштита на културното наследство и животната средина, пренесување на добри практики од партнерите, особено од Карабинерите во областа на истрагата и превенцијата на криминалот, зајакнување на правната и регулаторната рамка за подобра заштита на културното наследство, како и подобрување на соработката меѓу институциите на локално, национално и меѓународно ниво.
На средбата се разговараше за следните активности во рамки на проектот во делот на културното наследство, како и за досегашните реализирани активности.
Важноста на проектот се состои во зајакнување на капацитетот на македонските институции, како и подобрување на регионалниот и меѓународниот аспект на заштита на културното наследство и животната средина.