Управата за заштита на културното наследство преку Одделението за дигитализација на културното наследство, воспостави професионална соработка со реномираната меѓународна непрофитна организација CyArk од Соединетите Американски Држави, која делува во сферата на заштитата и документирањето на глобалното културно наследство.
Во таа насока, од 25 до 30 октомври 2018 год. екипа на CyArk престојуваше во Република Македонија, со цел изработка и прецизно документирање на катедралната црква Св. Софија во Охрид, и изврши нејзино ласерско скенирање, фотограметриско и аеро снимање. По сублимирањето на резултатите, ќе изработат и прецизен 3Д модел на црквата.
Како дел од нивниот престој, на 25 октомври 2018 година во Охрид, во меморијалната куќа на Христо Узунов, се одржа еднодневна работилница на која стручните лица од CyArk ги презентираа своите методи на работа и резултатите од нивното документирање, како и примери за нивната практична примена при проектите за заштита на културното наследство за стручни лица од Управата за заштита на културното наследство и од заводите за заштита на културното наследство и конзерваторските центри од Република Македонија.
На 30 октомври 2018 година во просториите на Управата за заштита на културното наследство се одржа и состанок на кој присуствуваа директорката на Управата, д-р Елеонора Петрова – Митевска и претставниците на CyArk, Кејси Хедик и Кристофер Данг, на кој се разговараше за природата на нивната работа, нивните достигнувања како и искуствата од документирањето на црквата Св. Софија во Охрид.
CyArk е невладина организација со седиште во Оукленд, Калифорнија, САД. Основана е во 2003 година и се занимава со дигитално документирање (3Д скенирање, фотографирање, 3Д моделирање) на културното наследство ширум светот кое се наоѓа во опасност од уништување од природни непогоди (земјотреси, поплави, пожари) или човечки фактори (климатски промени, урбан развој, војни и сл.). Нивната цел е да се документираат спомениците во својата изворна состојба и истата документација потоа да ја користи истражувачката јавност при изготвување проекти поврзани со конзервација, реставрација и ревитализација на недвижното културно наследство.
Од своето формирање CyArk документирале објекти на преку 200 локации, од сите историски периоди – од неолитски локалитети, па сè до современи градби, како на пример Сиднејската опера.
CyArk работи на три основни приципи: конзервација, реставрација и истражување. Со нивната работа помагаат на стручните лица изработувајќи детални мапи, основи, технички цртежи, фотодокументација и 3Д модели.
При својата работа користат современа опрема за ласерско скенирање, фотографирање во висока резолуција, 3Д моделирање. Комбинирајќи ги овие техники, создаваат прецизни 3Д модели на објектите кои ги документираат.
Нивни најпознати проекти се документирањето на:
- Асириската колекција во Британскиот музеј
- Локалитет Чичен Итца во Мексико
- Брандербушката порта во Берлин
- Античкиот Коринт
- Сиднејската опера
- Лондонската кула
- Опсерваторијата во Чанкило, Перу
- Карпестата уметност во Дракенсбур, Јужна Африка
- Римската вила во Стабиа, Италија
- Античка Теба, Египет
- Хинду храмот во Ангкор, Камбоџа
- Локалитетот Маса Верде, Колорадо, САД
- Партенон во Атина, Грција
- Вавилон, Ирак
- Петра, Јордан
- Помпеа, Италија
- Рапа Нуи, Велигденски острови
- Теотиклан, Мексико