Отворен ден со медиумите на локалитетот Плоча Миќов Град (Залив на коските) кај Градиште во Охрид, по повод отпочнување на нова археолошка кампања на подводни и дендрохронолошки истражувања во рамките на ,,Европската година на културното наследство 2018“

Денес, 13 јуни 2018г., Управата за заштита на културното наследство и Центарот за истражување на предисторијата – Скопје, остварија средба со медиумите на локалитетот Плоча Миќов Град (Залив на коските) кај Градиште во Охрид на која беше најавено отпочнување на нова археолошка кампања на подводни и дендрохронолошки истражувања на самиот локалитет во претстојниот период.

Како што беше најавено, на локалитетот „Плоча-Миќов Град“ (Залив на коските) кај Градиште во Охрид, којшто претставува предисториска наколна населба, во текот на следниов месец ќе се реализира ново археолошко истражување кое е во рамките на  меѓународен проект во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата – Скопје, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Во проектот за првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба.

Почетокот на истражувањето со свое обраќање го означи д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, која го нагласи нивното големото значење за македонската археологија, истакнувајќи дека со нетрпение ги очекуваме нивните резултати кои треба да дадат попрецизни информации за датирањето на наколната населба од локалитетот Плоча Миќов Град. Оваа дендрохронологија ќе помогне во попрецизно датирање и на наколните населби долж охридското крајбрежје, како Врбник во Струга, кои влегуваат во иста хронолошка рамка од крајот на бронзеното и почеток на железното време.

Понатаму следуваше обраќање на д-р Алберт Хафнер, професор на Институтот за археологија при Унивезитетот во Берн кој го изрази своето големо задоволство што дендрохронолошкиот пристап на датирање кој веќе со децении се применува на наколните живеалишта во Швајцарија за првпат ќе се примени во Југоисточна Европа, токму на локалитет на Охридското Езеро.

На отворениот ден се обрати и д-р Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата и Музејот на Македонија, раководител на претстојните истражувања кој најави и формирање на дендрохронолошка лабораторија во Музејот на Македонија каде ќе може да се врши датирање не само на археолошки материјали, туку и на икони, инструменти, покуќнина и други предмети изработени од дрво.

Со оваа меѓународна соработка Управата за заштита на културното наследство ги поддржува иновативните и современи приоди во археолошките истражувања во Република Македонија кои можат да дадат нови одговори за нашето археолошко наследство и воедно ги поттикнува и поддржува партнерските меѓународни археолошки проекти сметајќи дека благодарение на вакви соработки ќе се зајакнат научните врски, како и ќе се придонесе за популаризација на нашето археолошко наследство во светот и токму од оваа причина овој настан е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.






Bookmark the permalink.

Comments are closed