Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката Весела Честоева, е меѓу клучните институции потписнички на Меморандумот за разбирање за основање Национална платформа за меѓуинституционална соработка и заедничко дејствување против криминал со културното наследство, кој беше потпишан на 10. февруари 2026 година, во Хотел „Лимак“ во Скопје.

Потпишувањето се реализираше во рамки на Завршниот настан на Твининг проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнување на институционалните капацитети во справувањето со кривични дела против културното наследство и животната средина“, кој претставува значаен чекор кон институционализирање на системска и координирана борба против нелегалните активности поврзани со културното наследство. Твининг проектот, имплементиран во партнерство помеѓу Република Италија и Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), е насочен кон зајакнување на националните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина, во согласност со европските стандарди и добри практики.

Со потпишувањето на овој Меморандум, Управата ја потврди својата стратешка улога во воспоставувањето на траен механизам за меѓуинституционална координација, размена на информации и заедничко постапување во превенцијата, откривањето и гонењето на кривични дела поврзани со културното наследство. Управата, како стручна и надлежна институција во областа на заштитата на културното наследство, има клучна улога во обезбедувањето експертска поддршка, институционална усогласеност и интегрирање на заштитата на културното наследство во пошироките политики за безбедност и владеење на правото.

