Денес, во просториите на Даут Пашиниот Амам, се одржа почетен настан на твининг проектот „Зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина“. Отпочнувањето на овој проект доаѓа по серија одржани средби со Управата за заштита на културното наследство и други релевантни институции.
Општата цел на проектот е зајакнување на стратешките и оперативните капацитети на Министерството за внатрешни работи и на релевантните институции за превенција, истрага и гонење на кривични предмети против животната средина и движното и недвижното културно наследство со практичен пристап преку споделување искуства, изработка на оперативни документи и обуки. Проектот е структуриран во две компоненти: едната која се фокусира на културното наследство, а другата на кривични дела против животната средина.
Проектот го спроведува Карабиниери- италијанската полиција со воен статус, во партнерство со Еуталија- мандатно тело на ЕУ.
На овој настан присуствуваа и стручни лица од Управата предводени од директорката на УЗКН г-ѓа Весела Честоева. Притоа, директорката Честоева оствари средби со г-дин Астрит Исени, заменик министер за внатрешни работи, и други лица вклучени во проектот.