Археолошкиот локалитет Скупи, се наоѓа во западниот дел од подножјето на Злокуќанското Кале во Општина Карпош, Скопје. Градот Скупи за време во 1 век бил населен со римски воени ветерани од 7-та Клавдиева, 4-та Македонска, како и од 4-та Скитска и 5-та Македонска легија и добил статус на колонија, највисок ранг на град надвор од Рим. Како единствена римска колонија на територија на Република Македонија, локалитетот Скупи е еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија.
Точната идентификација на Скупи во ја направил познатиот истражувач Артур Еванс во 1883-та година, а археолошки истражувања на театарот прв пат се превземени од Никола Вулиќ во 1935-1937 година. Подоцна, Д. Рендиќ – Миочевиќ продолжува со истражувањата на истиот објект во 1959-1960 година. Со археолошките истражувањата е утврдено дека античкиот театар кој можел да собере приближно од 8000 до 10000 гледачи, е најголем и најипозантен антички театар и архитектонски објект од периодот на римската империја во Република Македонија. Во 2013-та година започнати се последните систематски истражувања на античкиот театар, со цел за конзервација, реставрација и реконструкција на театарот во Скупи реализирани од ЈУ Музеј на град Скопје во соработка со Катедрата за Историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет од Скопје.
Како што изјави директорката на Управата за заштита на културното наследство д-р Елеонора Петрова на денешната прес конференција, врз основа на Елаборат за ревалоризација на споменикот на култура Античкиот град “Скупи”, Владата на Република Македонија во септември 2016 година донесе Одлука за прогласување на Споменичката целина Антички град “Скупи” во Скопје, за културно наследство од особено значење, подкатегорија големо значење. Во член 6 од наведената Одлука се регулира режимот на заштита и дозволените дејствија на посегање во интегритетот на споменичката цели: зачувување на целовитоста на историската структура, формата, големината, изгледот, изворните материјали, техниката на градење и други вреднувани содржини на откриените објекти. Оттука е очигледно дека изработката и донесувањето на Основниот проект за конзервација, реставрација, реконструкција и презентација на гледалиштето на театарот во Скупи, односно предвидената реконструкција се коси со режимот на заштита и дозволените дејствија на споменичката целина Антички град “Скупи”.
Во 2016 и 2017 година се работело на конзеравација на сценскиот објект на театарот и на вториот, третиот и четвртиот циркуларен ѕид на гледалиштето, на премините помеѓу циркуларните ѕидови 2 и 3, како и на аналемите. При изведувањето на непосредната заштита стилот (опусот) на изведбата на лицата од ѕидовите не одговора на автентичниот изглед, особено поради едноличноста на ѕидаријата (камења со иста големина поставени во претерано израмнети хоризонтални редови) и не е направено фугирање на ѕидовите, што е битен момент за доловување на естетскиот изглед на објект. Исто така, планирана е оплата од транвентински плочки, кое како техника на градба е непозната во римската архитектура и не постои во ниту еден антички театар во светот.
Со анексот на проектот ќе се работи на конзервација и реставрација на долниот дел од гледалиштето, ќе се отстранат оштетените површини на ѕидовите на гледалиштето, а ќе се изврши и делумна реставрација на сводните партии изѕидани од тула за кои постојат аргументи за нивната автентичност.
Анексот на основниот проект го изработи НУ Козеравторски центар Скопје, а по проектна програма која ја подготвија стручни лица од НУ Конзераваторски центар Скопје, ЈУ Музеј на град Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, НУ за управување со археолошкиот локалитет Стоби и Управата за заштита на културното наследство.
Изведувач на непосредната заштита, како и до сега, ќе биде АК Инвест – Тетово, а конзерватрскиот и археолошкиот надзор ќе го вршат стручни лица од НУ Национален конзерваторски центар Скопје. Раководител на работите на непосредна заштита ќе биде Мирка Илоска од НУ Конзеравторски центар Скопје.
На прес конференцијата присуствуваше и националниот координатор за кулутра во Владата на Република Македонија м-р Роберт Алаѓозовски, кој даде поддршка на Управата за заштита на културното наследство и на активностите кои се превземаат за конзерваторско-реставраторските работи на античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи.