На 03.10.2018 година, во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, беше промовиран зборник на трудови „Ѓурѓовден во Република Македонија“, во издание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, како дел од Годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство која во текот на 2018 година се реализира под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.
Изданието го промовираа д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, д-р Весна Петреска научен советник во Институтот за фоклор „Марко Цепенков“ и д-р Зоранчо Малинов директор на Институтот за фоклор „Марко Цепенков“ и уредник на изданието.
Зборникот со 6 студии за „Ѓурѓовден во Република Македонија“, претставува заокружување на повеќегодишната соработка меѓу Управата за заштита на културното наследство и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје како овластен субјект за заштита на нематеријалното културно наследство, на валоризација на празнувањата на пролетниот празник Ѓурѓовден кај сите етнички заедници во Република Македонија. Препознавајќи ја кохезивната функција на нематеријалното културно наследство за нашето општество, празнувањата на Ѓурѓовден кај Македонците, Ромите, Турците, Албанците и Власите како поединечни добра во 2011 година се прогласени за културно наследство од особено, поткатегорија исклучително значење.
Ѓурѓовден е еден од позначајните празници од народниот календар на Македонците но и на останатите етнички малцинства кои како делови од соседните балкански народи живеат во границите на Република Македонија. Се прославува на 6 мај секоја година. Практиките кои денес се зачувани и нотирани за и околу празникот, покажуваат наслојувања од народната практика на старото балканско претхристијанско население, доминација на религиозни практики од христијанско потекло но и елементи одисламаката традиционалана култура. Спојот на овие две се смета дека се случил во средниот век, кога кон празнувањата на преминот од зима кон пролет се приклучуваат и религиозните чествувања на светецот Св. Ѓорѓи кој живеел и делувал на преминот од III во IV век.
Обредноста што се спроведува на Ѓурѓовден е мошне комплексна со оглед на фактот што, обичаите што се извршуваат на овој празник опфаќаат широк дијапазон на разни обредно-магиски постапки кои имаат различни цели. Доколку се изврши подетална анализа на ѓурѓовденските обичаи ќе се забележи дека во суштина тие претставуваат составен дел на неколку култови, како што се: култот кон природата, кој понатаму може да се расчлени на култ кон вегетацијата, култ кон домашните животни, разни култови кон одредени диви животни (змија, разни птици итн.), потоа култот кон плодноста, како и култот кон свети Ѓорѓи. Од тие причини, ѓурѓовденските обичаи најчесто се врзуваат за сточарските заедници на Балканот, аналогно и во Република Македонија.
Заедничкото празнување на Ѓурѓовден со посетување на исти култни места, како на пример, Говедаров Камен на Овче Поле или на други слични локации во некои мешани средини, каде што живеат претставници од различни етнички и конфесионални заедници во Р. Македонија, му дава и посебно значење на овој празник.
Теренските истражувања во врска со ова нематеријално добро се реализирани во повеќе наврати од страна на истражувачите на Институтот за фолклор “Марко Цепенков” – Скопје, планирани во рамките на научно-истражувачките проекти, оттаму, како автори на студиите во ова издание се јавуваат: за Ѓурѓовден кај Македонците во Република Македонија д-р Зоранчо Малинов и д-р Велика Стојкова Серафимовска, Ѓурѓовден/Aiyi Yoryi (Св. Ѓорѓи) кај Власите д-р Клеанти Ановска, Ѓурѓовден /Shën |Gjergj (Св. Ѓорѓи) кај Албанците д-р Изаим Муртезани; Ѓурѓовден/Erdelez кај Ромите д-р Трајко Петровски и за Ѓурѓовден/Hıdırellez кај Турците д-р Актан Аго.
Следејќи го зголемениот научен интерес за истражување на фолклорот како нематеријално културно добро, ова издание кое е финансирано со средства од Министерството за култура на Република Македонија, има за цел да ја промовира и потенцира важноста на разноликоста во културните екпресии и да укаже на потребата од вклучување на нематеријалната култура во креирањето на државните и меѓународните развојни политики.