На ден 12.07.2018 год. директорот на Управата за заштита на културно наследство д-р Елеонора Петрова – Митевска оствари работен состанок со директорот на турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје д-р Шемсетин Шекер, со цел изнаоѓање заедничко решение за конзервација, санација и адаптација на објектот Куршумли Ан во културен центар Јонус Емре.
На состанокот беа искажани заложбите на македонската и турската страна за изнаоѓање на решенија за соодветно адаптирање на Куршумли Ан во културен центар со запазување на сите законски регулативи но и принципи на заштита на културно наследство од највисока категорија. Се дискутираше за понудениите проектни решенија, како и отстранување на техничките елементи кои би го нарушиле интегритетот на заштитеното добро. Воедно беа истакнати и сите постапки кои треба да претходат во процесот на подготовка на проектот и текот на неговата реализација, а се поврзани со дислоцирање на епиграфските споменици кои се наоѓаат во просториите на Куршумли Ан, како и со урбанистичко планските решенија за неговата непосредна околина.
Со цел финализирање на договорените активности беше предложено сите детали околу реализација на проектот да бидат презентирани и пред представниците на Министерство за култура и туризам од Турција, на заеднички состанок кој би се реализирал до крајот на месец јули.
На состанокот присуствуваа Горан Санев – Директор на Археолошкиот музеј на Р.Македонија, Гордан Николов – Директор на Музеј на Македонија, и проектантот на проектот за конзервација, санација и адаптација на Куршумли Ан г-а Есјл Кулели од Турција, претставници на студиото за архитектура и дизајн Јорд, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија и стручни лица од Управата за заштита на културно наследство.