Денес во просториите на Управата за заштита на културното наследство, Директорката на Управата г-ѓа Весела Честоева, одржа работен состанок со г-дин Барбарос Бујуксагнак, раководител на Секторот за меѓународни односи на градот Истанбул, Република Турција. На средбата беше разговарано за отпочнување на проект помеѓу Република Турција и Република Северна Македонија кој ќе се фокусира на културни споменици на градот Тетово, особено Саат кулата во Тетово.
Меѓу другото, на состанокот стана збор за продлабочување на соработката меѓу двете институции во областа на заштитата и промоцијата на културното наследство, имајќи ја предвид долгогодишната успешна соработка со институции од Република Турција.
Директорката Весела Честоева покажа иницијатива за заеднички проект и активности поврзани со Скопската тврдина -Кале, што наиде на одобрување од страна на стручните лица од градот Истанбул кои реализираа и посета на Скопското Кале со намера да добијат попродлабочени информации за идната соработка на ваков проект.