Од 4 до 15 јули 2018 година, во Ѓирокастро, Албанија, се одржа регионалниот курс ,,Итни мерки за културно наследство во опасност 2018” во организација на Регионалниот центар за конзервација и реставрација во Југоисточна Европа и Институтот за споменици на културата ,,Гани Стразимири“ на Република Албанија, а во соработка со Центарот за Светско наследство на УНЕСКО.
Официјалното отпочнување на курсот се одбележа во Министерството за култура на Република Албанија, во Тирана на 4 јули од страна за заменик-министерот за култура, г-ѓа Валбона Шујаку. Од 5 до 15 јули предавањата и практичните вежби се одвиваа во градот Ѓирокастро во Албанија, чијшто историски центар е впишан на Листата за Светско наследство на УНЕСКО во 2005 година. На курсот учествуваа експерти од целиот свет и 16 учесници од Балканскиот регион, а меѓу нив и Игор Ширтовски (помлад соработник за евиденција на археолошките локалитети и наоѓалишта), од Управата за заштита на културното наследство. Тој ја презентираше студијата на случај за ,,Аргулички мост во Кратово”, кој е прогласен за културно наследство во опасност во 2010 година. Покрај практичните вежби беше организирана и симулација на пожар во етнографскиот музеј на Ѓирокастро во кој беа вклучени сите учесници на курсот.
Овој курс беше осмислен во рамките на имплементацијата на Конвенцијата за Светско наследство на УНЕСКО и имаше за цел развивање на знаења во врска со идентификацијата и проценката на штети на културното наследство изложено на ризик, како и развивање на прва помош со мали средства со цел обезбедување и зајакнување на структурите на објектите во опасност. Помеѓу целите на курсот беа и идентификација и проценката на структурните оштетувања на културните добра, како и методите за структурно зајакнување во итни ситуации, но и справувањето со приоритетните ризици преку интегриран пристап за превенција, подготвеност, одговор и мерки за обновување и следење.
Предавачи на овој курс беа: Rohit Jigyasu, Xavier Das Neves Romao, Esmeralda Pauperio, Maksimiljan Dhima, Shkëlqim Daja, Edlira Çaushi, Grigor Angjeliu, Lejla Hadjic, Elena Mamani, Sonila Kora, Arben Spaho, Marsela Demaj, Klodjana Gjata (Regional Centre-IMK).