На локалитетот “Гробишта“ на потегот на месноста “К ’шла“ во атарот на селото Раец, кавадаречко на 17.10.2018 години претставници на Управата за заштита на културното наследство, беа во работна посета на локалитетот. На посетата присуствуваа, директорот на УЗКН д-р Елеонора Петрова – Митевска, националниот координатор за култура во Владата на Република Македонија м-р Роберт Алаѓозовски и овластениот раководител на Секторот за превенција и инспекциски надзор на културното наследство д-р Звонимир Николовски, во придружба на Раководителот на заштитното археолошко истражување д-р Миле Велчовски.
На посетата присутните беа информирани за текот на работите на дел од патниот правец Градско – Прилеп каде се изведуваат градежни работи за експресниот пат A2. Во текот на истражувањето откриен е дел од некропола која според сите елементи припаѓа на римскиот период, од I – IV век. Гробовите се со ритус на погребување, постарите со кремација и поновите со инхумација, кои се во состав на Сонда 1, додека во Сонда 2 откриени се делови од објект кој имал профана функција.
Гробните конструкции се со солидно зачувана архитектура, од типот “цисти“ со делкани камени плочи, благодарение на цврстата земјена структура, без киселост, поради што скелетите се во добра кондиција за натамошно антрополошко проучување.
Од малкуте движни наоди, монети, два добро сочувани бронзени прстени со рамна тркалезна плочка и една монета од османлискиот период, кое ја потврдува стратешката и комуникативната функција на населбата која за жал е пресечена со пробивање на пат за новата траса. Во околината се наоѓааат неколку антички локалитети кои го афирмираат значењето на овој простор.